Украина подготвува трилатерални преговори со САД и Русија во првата половина на ноември, а Турција би можела да биде домаќин на средбата.
Ова го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул, на 31 октомври.
Двајцата претседатели разговарале за можностите за прекин на војната во Украина, безбедноста на пловидбата во Црното Море и обновувањето на Црноморскиот житен коридор.
„Во моментов подготвуваме трилатерална средба меѓу Украина, САД и Русија во првата половина на ноември. Со претседателот разговаравме за можностите за оваа средба, вклучително и евентуалното учество на Турција, Европа и нашите партнери, како и можноста таа да се одржи тука, во Турција“, изјави Зеленски.
Претходно, украинскиот претседател го посочи Абу Даби како можна локација за преговорите, кои се очекува да се одржат до 10 ноември.
Зеленски нагласи дека за постигнување мир се потребни решителни чекори и дека Русија мора да добие јасна порака оти нема алтернатива на мирот и дека поддршката за Украина ќе продолжи.
Ердоган ја потврди подготвеноста на Анкара да помогне во дипломатското решавање на конфликтот, посочувајќи дека Турција е подготвена да ги вложи сите напори за отворање пат кон мирот.
Тој предупреди и дека нападите врз цивилните бродови и активностите што можат да ја зголемат ескалацијата во Црното Море не му користат на никого.
Зеленски соопшти дека двајцата претседатели се согласиле да работат на обновување на Црноморскиот житен коридор, кој има клучно значење за извозот на украинските земјоделски производи.
Турција, која одржува дипломатски односи и со Киев и со Москва, претходно беше домаќин на неколку рунди преговори меѓу двете земји. Анкара одигра и важна улога во постигнувањето на договорот за извоз на украинското жито преку Црното Море во 2022 година. Договорот престана да важи откако Русија се повлече од него во 2023 година.
Ердоган изрази уверување дека турските компании кои продолжиле да работат во Украина и покрај војната ќе имаат значаен придонес во идната обнова на земјата.