Излезноста во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница до 9 часот изнесува 3,98 проценти. Своето право на глас го оствариле 646 граѓани, информираше Државната изборна комисија.
Според првиот пресек на податоците пристигнати во ДИК, одзивот на гласачите е зголемен за 1,52 процентни поени во споредба со првиот круг од изборите, одржан на 18 октомври, кога до 9 часот гласале 400 граѓани, односно 2,46 проценти од запишаните избирачи.
Државната изборна комисија информираше дека гласањето почнало во 7 часот на сите избирачки места. Изборниот процес се одвива во мирна атмосфера.
На предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, граѓаните избираат меѓу двајца кандидати, а право на глас имаат вкупно 16.256 избирачи, кои гласаат на 24 избирачки места.