И вчера во Тирана се одржа антивладин протест, а граѓаните и студентите, како и претходните денови, се собраа пред Министерството за образование, од каде што се упатија кон зградата на Владата, каде што повторно побараа оставка од премиерот Еди Рама.
Поради дождот и студеното време, собраните граѓани поставија шатори пред зградата на Владата. Протестот се одвивал мирно, со повремено истрелување огномет во воздух, пренесува Њузмакс Балканс.
Пред кабинетот на премиерот се слушаа извици „Долу диктатурата“ и „Оставка“, а се скандираше и против полицијата.
За разлика од протестот во саботата, кога полицајците беа нападнати со камења и молотови коктели, по што беа уапсени повеќе лица, вечерва немаше инциденти, а полицијата од безбедносни причини го запре сообраќајот.
21 ден траат протестите, а демонстрантите најавија дека ќе продолжат и во наредните денови. Премиерот Еди Рама неколку пати повика на преговори и беше дециден оти оставка нема да поднесе.