Во Македонија продолжува да расте бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип. Во периодот од 26 октомври до 1 ноември биле пријавени 116 случаи, што е зголемување од 90,2 отсто во споредба со претходната недела, кога биле евидентирани 61 случај, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во однос на истиот период минатата година, кога биле регистрирани 94 случаи, оваа недела има 23,4 отсто повеќе заболени.
Најголем број случаи се регистрирани во Тетово, каде што се пријавени 48 заболени, потоа во Куманово со 26 и во Скопје со 13 случаи. Во Прилеп и Гостивар има по осум заболени, во Охрид и Неготино по три, додека во Струмица, Велес и Битола се евидентирани по два случаи. Во Радовиш е пријавен еден случај.
Според возрасната структура, најзастапена е групата од 15 до 64 години со 84 заболени. Регистрирани се и 25 лица постари од 65 години, како и седум деца на возраст од пет до 14 години.
Од почетокот на сезоната 2026/2027 досега се евидентирани вкупно 343 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е за 1,5 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата сезона. Најмногу случаи, 127, се пријавени во Тетово.
Во последната извештајна недела, лабораторијата на ИЈЗ тестирала 47 примероци. Од нив, четири биле позитивни на грип, а еден на коронавирусот SARS-CoV-2.
И покрај зголемувањето на бројот на заболени, од ИЈЗ информираат дека активноста на вирусот сè уште е на меѓусезонско ниво и дека не е достигнат епидемиолошкиот праг за официјален почеток на сезоната на грип.
Здравствените власти препорачуваат избегнување близок контакт со лица кои имаат симптоми на респираторни инфекции, како кашлица, кивање и покачена температура, како и избегнување престој во простории со поголем број луѓе.
Се советува редовно миење и дезинфекција на рацете, често проветрување на просториите, внесување доволно течности, разновидна исхрана, доволно сон и одмор.
На лицата кои ќе заболат од грип им се препорачува да останат дома и да ги ограничат контактите со други лица. При кашлање и кивање треба да ги покриваат носот и устата, а при контакт со членовите на домаќинството да користат заштитна маска.
Посебно внимание треба да посветат лицата над 65 години, хронично болните, бремените жени и другите ризични групи. Доколку симптомите се влошуваат или траат повеќе денови, потребно е да побараат лекарска помош.
Од ИЈЗ повторуваат дека вакцинацијата останува најефикасната заштита од сезонски грип. Вакцинацијата во земјава започна на 21 октомври, а досега се вакцинирани 11.629 лица од ризичните категории.