Албанскиот премиер изјави дека сè уште нема заеднички договор за датумот на следниот самит на Алијансата, но доколку се одржи во 2028 година, домаќин ќе биде Тирана.
НАТО следната година нема да одржи самит во Албанија, и покрај претходните најави дека Тирана ќе биде домаќин на состанокот, изјави албанскиот премиер Еди Рама во Даблин.
„Проблемот е што сè уште нема заеднички став за тоа кога ќе се одржи самитот. Сигурно не во 2027 година. Што се однесува до 2028 година, доколку се одржи самит, тој ќе биде во Тирана“, изјави Рама пред собирот на европските лидери, пренесува „Ројтерс“.
Според агенцијата, НАТО разгледува можност за прекин на досегашната практика на одржување годишни самити. Ова би можело да ги избегне потенцијално напнатите средби со американскиот претседател Доналд Трамп во подоцнежниот период од неговиот мандат.
Дипломатски извори наведуваат дека Алијансата сепак би можела во краток рок да одлучи да организира самит во текот на 2026 година, но не во Тирана.