Поранешната амбасадорка на Белгија: Вучиќ под притисок на ЕУ ги повлекол силите од Пионирскиот парк во изборната ноќ

  • 6 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, во изборната ноќ ги повлекол безбедносните сили од Пионирскиот парк благодарение на Европската Унија (ЕУ), која извршила притисок врз него да не започне нешто што би можело да заврши со граѓанска војна, изјави поранешната амбасадорка на Белгија во Белград, Дениз де Хаувер.

Во интервју за телевизијата Инсајдер, Де Хаувер истакна дека ЕУ не била само набљудувач на случувањата во Србија во пресрет на изборите на 25 октомври и на самиот изборен ден, кога власта на Вучиќ распореди голем број припадници на безбедносните сили околу Претседателството и Републичката изборна комисија, што го зголеми стравот од судири.

На прашањето дали смета дека Брисел повнимателно ќе ги следи случувањата во Србија откако владата ќе ја формира Студентската листа, која убедливо победи на парламентарните избори, поранешната белгиска амбасадорка одговори дека ЕУ го правела тоа „и пред самиот пад на режимот на Вучиќ“.

„Сигурно сте слушнале дека токму благодарение на Европската Унија, Вучиќ ги повлече војниците и полицијата од Пионирскиот парк. Унијата изврши притисок врз него да не започне нешто што би можело да заврши со граѓанска војна. Тоа значи дека ЕУ многу внимателно следи што се случува“, изјави Де Хаувер.

Таа оцени дека ЕУ е „подготвена да му помогне на српскиот народ, бидејќи сега најважно е работите во Србија да се постават на вистинското место, да се зачува функционирањето на економијата и да се одржи стабилна политичка состојба“.

„Сега не е време за одмазда или пресметки со политичките противници, туку за работа на реформирањето на институциите. Европската Унија е тука и е подготвена да помогне“, истакна Де Хаувер, која беше амбасадорка на Белгија во Белград од 2006 до 2011 година.

Таа рече дека сега постои „голема надеж за Србија дека може да започне подобар период“ и им честиташе на припадниците на студентското движење за храброста, а на српскиот народ кој ги поддржал студентите за истрајноста.

„Тоа навистина покажува дека демократијата во Србија сè уште е жива и дека вербата во слободата може да постигне многу. Она што се случи е навистина фантастично. Имавте движење без лидер, но со многу добри лидери, би рекла. Тоа се многу, многу интелигентни луѓе, приземни и способни“, изјави Де Хаувер за студентското движење.

Поранешната амбасадорка ги коментираше и оценките дека Европската комисија имала благонаклонет став кон Вучиќ за време на владеењето на Српската напредна партија (СНС), наведувајќи дека Брисел долго време ѝ давал предност на регионалната стабилност во однос на проблемите во функционирањето на српските институции, но дека таквиот пристап „не бил целосно погрешен“.

„Точно е дека ЕУ беше многу посветена на настојувањето Западен Балкан да остане стабилен. Зачувувањето на стабилноста на Западен Балкан значи и зачувување на стабилноста на Србија, бидејќи таа е многу важна земја во регионот. Мислам дека половина од населението и половина од бруто-домашниот производ на Западен Балкан доаѓаат од Србија. Значи, стабилноста на Западен Балкан не е можна без стабилноста на Србија“, посочи Де Хаувер.

Таа наведе дека ЕУ, заради одржување на стабилноста на Србија, често замижувала пред случувањата во земјата, но дека по неколку години критиките за таквиот пристап почнале да доаѓаат и од самата Унија.

Според неа, врз односот на европските институции кон Белград влијаеле и врските на Српската напредна партија со Европската народна партија (ЕПП), најмоќната политичка група во Европскиот парламент, на која ѝ припаѓа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Еднаш реков дека е време Европската комисија да ги отвори очите. А зошто контактираа со Вучиќ или одржуваа врски со него? Вучиќ беше претставник на српскиот народ, демократски избран, така што немавте друг избор освен да соработувате со него. Работата е во тоа што Вучиќ имаше блиски врски со ЕПП во Брисел, бидејќи СНС сè уште е придружна членка на ЕПП. Тоа го штитеше. Она што се случи е дека тој манипулираше со српскиот народ, но и со Унијата“, наведе таа.

Де Хаувер додаде дека секогаш кога Вучиќ ќе почувствувал дека притисокот од ЕУ станува преголем или кога Европската комисија ќе му се заканела со ускратување на одредени средства, дозволувал во Србија да бидат усвоени минимални законски реформи или привремени закони.

„Но, сето тоа беше многу ограничено, за да не се урне неговиот автократски систем, а Европската комисија повторно да биде благонаклонета кон него. Одеше во Европската Унија и велеше: Знаете, навистина даваме сè од себе, навистина се обидуваме да станеме добра членка на Европската Унија, погледнете колку напорно работиме“, рече Де Хаувер.

Меѓутоа, кога ќе се врател во Србија, пораката на Вучиќ била сосема поинаква – зборувал дека ЕУ не ја разбира Србија и дека ѝ поставува строги услови само затоа што тоа е во интерес на Унијата, а не на Србија, додаде поранешната амбасадорка.

„Се разбира, тоа беше лага. Но, извесно време функционираше, сè додека критиките не станаа навистина премногу силни. Последицата беше што демократијата во Србија, за жал, продолжи да назадува. И на крајот, можеби и малку предоцна, ЕУ повеќе не му попушташе на Вучиќ. Дури и ускрати одредена финансиска поддршка за Србија“, изјави таа.

Како една од главните причини поради кои ЕУ понекогаш замижувала пред случувањата во Србија, Де Хаувер го наведе фактот дека Вучиќ секогаш се претставувал како единствениот што може да постигне обврзувачки договор со Косово.

„Вучиќ секогаш велеше дека се обидува да го реши прашањето за Косово и дека тој е единствениот што може да го направи тоа. Тоа е една од главните причини поради кои ЕУ понекогаш замижуваше пред она што се случуваше во Србија, бидејќи навистина сакаше да избегне криза меѓу Србија и Косово и веруваше дека Вучиќ ќе го реши тоа прашање. Се разбира, не го реши“, рече Де Хаувер.

Таа исто така посочи дека не е точно оти ЕУ бара од Србија да го признае Косово, „како што со години му се говореше на српскиот народ“, бидејќи ни самата Унија нема единствен став за тоа прашање, со оглед на тоа што пет нејзини членки сè уште не ја признаваат независноста на Косово.

Покрај косовското прашање, како уште една важна причина поради која Брисел бил насочен кон зачувување на стабилноста на Западен Балкан, Де Хаувер го издвои стравот на Унијата дека би можела да ја турне Србија во прегратките на Кина и Русија доколку дозволи таа да се оддалечи, односно доколку престане да ѝ дава финансиска помош.

„Искрено мислам дека ЕУ направи многу повеќе за српскиот народ отколку Кина и Русија, но Вучиќ никогаш не го кажуваше тоа во медиумите. Српскиот народ не знаеше за тоа. Европската Унија отсекогаш била, а и понатаму е, најголемиот инвеститор во Србија, најголемиот донатор на финансиска помош и најголемиот економски партнер на Србија. Мислам дека српската економија, меѓу другото, опстана благодарение на Унијата“, наведе таа.

Додаде дека српскиот народ, за жал, никогаш не бил доволно информиран за тоа, бидејќи на големите билборди секогаш пишувало дека Русија ѝ помага на Србија и дека Кина ѝ помага на Србија.

„А речиси никогаш не се споменуваше што прави Унијата за Србија. За жал, последицата од сето тоа е што популарноста на ЕУ во Србија постојано опаѓаше и сега е навистина многу ниска. Луѓето ја изгубија довербата бидејќи мислеа дека зборуваме едно, а правиме друго, и дека сме ги изневериле. Но, тоа не беше точно“, изјави поранешната амбасадорка на Белгија за телевизијата Инсајдер.

Најнови вести