Руските вооружени сили извршија масовен напад врз објекти на украинскиот воено-индустриски комплекс, енергетски објекти и транспортна инфраструктура во Киев и неколку други региони, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
Како што се наведува, руските вооружени сили го извршиле масовниот напад користејќи прецизно оружје од копно, море и воздух, како и беспилотни летала.
„Како резултат на нападот, оштетени се претпријатија од украинскиот воено-индустриски комплекс и складишни терминали кои се занимаваат со производство и складирање крстосувачки ракети и беспилотни летала со долг и среден дострел, како и енергетски објекти и транспортна инфраструктура во градот Киев, во Киевската, Дњепропетровската, Николаевската, Лавовската и Ивано-Франковската област“, се наведува во соопштението, пренесува агенцијата РИА Новости.
Претходно денеска, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека три моста во Киев – Подилско-Воскресенскиот, Дарницкиот и Јужниот мост – биле оштетени во руски напад со балистички ракети во текот на ноќта, поради што сообраќајот меѓу левиот и десниот брег на градот е отежнат.