Европа и овој викенд ги продолжи протестите против трошоците за живот.
Граѓаните во Португалија одново излегоа на улиците незадоволни од политиките на власта и високите трошоци за домување. Активистите за домување во Лисабон и Порто поставија шаторски населби за да го привлечат вниманието кон се потешките услови за живот.
Десетици илјади граѓани излегоа вчера и на протестите во повеќе француски градови, незадоволни од растот на трошоците за живот, ниските плати и влошувањето на јавните услуги. На шестите по ред протести кои се одржаа во Франција, учествувале околу 150 000 демонстарнти, а речиси 45 000 во главниот град.
Во Италија, најголемиот синдикат организираше 24-часовен генерален штрајк, со демонстрации во повеќе од 100 градови. Штрајкот се совпадна со Меѓународниот ден на студентската мобилизација, па студентите маршираа во повеќе од 45 италијански градови.
Во Австрија пак, во Виена неколку стотици луѓе, главно млади, се собраа пред универзитетот и побараа повеќе пари за образование, а помалку за војската. Полицијата го растера собирот по пријавените инциденти, употребувајќи солзавец. Неколку луѓе се приведени.
Во Германија демонстрантите бараа поголемо финансирање на образованието и се спротивставија на можното враќање на задолжителниот воен рок.
Во Хрватска пак, студентите ја бојкотираа настава во десетина градови.