Националната опера и балет на 11 септември ќе ја изведе операта „Кавалерија рустикана“ од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи, дело кое повеќе од еден век ја освојува публиката со силната музичка експресивност и трагичната приказна за љубовта, љубомората и предавството.
Претставата ќе започне во 20 часот, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, а режијата е на Џандоменико Вакари од Италија.
Во центарот на приказната се сложените односи меѓу Сантуца, Туриду, Лола и Алфио, во свет во кој љубовната страст, неверството и повредената чест постепено водат кон неизбежен трагичен расплет. Маскањи ја гради драмата преку музика со силен емоционален набој, во која оркестарот и вокалните интерпретации имаат клучна улога во создавањето на напнатоста.
Во улогата на Сантуца ќе настапи првенката на Националната опера и балет Весна Ѓиновска Илкова, Туриду ќе го толкува Зоран Сотиров, во улогата на Алфио ќе настапи Марјан Јованоски, Катерина Стојановска ќе биде Лола, а Соња Пендовска Мадевска ќе ја толкува Мајка Лучија.
Во изведбата учествуваат и хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Сценографијата е на Зоран Николовски, костимограф е Елена Дончева, концерт-мајстор Јане Бакевски, а хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
„Кавалерија рустикана“ премиерно била изведена во 1890 година и е делото со кое Маскањи оставил силен белег во развојот на италијанскиот веризам. Наместо идеализирани ликови и далечни историски приказни, овој оперски правец во центарот ги поставува обичните луѓе, нивните страсти, конфликти и сурови животни судбини.
Токму непосредноста на човечките емоции и силниот драмски интензитет на музиката придонесоа „Кавалерија рустикана“ да остане дел од светскиот оперски репертоар повеќе од 130 години.