Засилена соработка во борбата против недозволената трговија со дрога

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за здравство Сашо Клековски остварија средба со шефот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал во Скопје, Уктам Насиров.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Ќе се засилува борбата против недозволената трговија со дрога и психотропни супстанции. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за здравство Сашо Клековски остварија средба со шефот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал во Скопје, Уктам Насиров. Двајцата министри ја истакнаа потребата, борбата против дрогата да се води со координиран пристап во кој, покрај полициското и кривично-правното постапување, значајно место ќе имаат превенцијата, здравствената заштита и третманот на зависностите.

На средбата беше разговарано и за поддршка на Националната опсерваторија за дроги и зависности, како и за натамошно продлабочување на соработката со Агенцијата за дроги на Европската Унија. Разгледани се можностите за користење на експертските капацитети и искуството на ООН, преку организирање јавни и стручни дебати, активности за подигнување на свеста за штетните последици од дрогата, како и размена на искуства и добри практики од други држави.

Посебно внимание е посветено на можноста за унапредување на законската рамка и разгледување модели што се применуваат во други европски држави. Разговарано е за пристапот според кој, зависно од видот и количината на пронајдената дрога и околностите на конкретниот случај, одредени дејствија би добиле соодветен кривично-правен третман, наместо да се третираат исклучиво како прекршоци.

Иницијативата беше позитивно прифатена од шефот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал во Скопје, Насиров, при што беше изразена подготвеност за продолжување на разговорите, размена на експертски искуства и разгледување на најдобрите практики од регионот и пошироко.

Заеднички беше оценето дека справувањето со недозволената трговија со дрога бара истовремено силен институционален одговор кон криминалните структури, ефикасна превенција и соодветен здравствен пристап кон зависностите.

Најнови вести