Во гостувањето во Дневникот на МТВ, премиерот Христијан Мицкоски, најави дека ќе отпатува во Вашингтон, каде што ќе има средби со високи претставници на Сенатот, Конгресот, Стејт департментот и американската финансиска институција DFC.
Во фокусот ќе бидат нови инвестиции во енергетиката, напредните технологии и одбранбената индустрија.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски најави дека на американските компании ќе им ги претстави и можностите на армискиот полигон Криволак, како дел од напорите за привлекување инвестиции во воената индустрија.
Тој рече дека Владата подготвува нов закон со кој би се овозможило поголемо користење на Криволак за воени тренинзи, што според него, би придонело за побрз економски раст.
По посетата на Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски ќе отпатува во Њујорк, каде што ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации.