Унапредување на законската регулатива во областа на нотаријатот, нејзино усогласување со современите стандарди и дигитализација на постапките и услугите најави денеска министерот за правда Јетон Шасивари, на отворањето на манифестацијата „Нотарски денови 2026“, организирана од Нотарската комора.
Говорејќи на тема „Расправање оставина: помеѓу законската рамка и нотарската практика“, Шасивари истакна дека дигитализацијата треба да овозможи побрзи постапки, помалку административни пречки, пониски трошоци, поголема транспарентност и полесен пристап на граѓаните до правните услуги.
Тој го нагласи значењето на нотаријатот како еден од столбовите на правниот систем и гарант на правната сигурност на граѓаните, посочувајќи дека работата на нотарите има директно влијание врз заштитата на сопственичките права, семејните односи и сигурноста на правните трансакции.
Според Шасивари, довербата на граѓаните е најголемиот капитал на институциите, а нотарската професија, покрај правната стручност, бара интегритет, независност, професионална етика и високо ниво на одговорност.
Министерот посочи дека Министерството за правда, во рамки на претстојните реформи и процесот на европска интеграција, ќе посвети особено внимание на унапредувањето на законската регулатива во оваа област.
Во тој процес, како што нагласи, Нотарската комора ќе биде важен и рамноправен партнер на Министерството, бидејќи одржливите реформи не се реализираат само преку законски измени, туку и преку тесна соработка со професионалците кои секојдневно ги применуваат законите во практиката.
Шасивари изрази надеж дека „Нотарски денови 2026“ ќе овозможат суштински дискусии, размена на искуства и конкретни предлози за понатамошен развој и унапредување на нотаријатот во земјата.
Правната сигурност ја гради довербата, професионалноста ја штити, а одговорноста ја прави правдата опиплива за секој граѓанин, истакна министерот Шасивари.