Први на листата се машини за перење и сушење алишта и машини за миење садови. Заедно, овие апарати сочинуваат околу 14 проценти од просечната сметка за енергија, пред сè затоа што трошат голема количина електрична енергија за загревање на водата или воздухот.
Потрошувачката можете да ја намалите со перење на алиштата на пониски температури или да избегнувате да ги вклучувате апаратите кога не се целосно наполнети.
Кога станува збор за машините за миење садови, се препорачува користење на програмата „Еко“, доколку е достапна како и да почекате машината целосно да се наполни пред да ја вклучите.
ФРИЖИДЕРИ И ЗАМРЗУВАЧИ
Фрижидерите и замрзнувачите сочинуваат околу 13 проценти од потрошувачката на енергија во домаќинствата. За разлика од повеќето апарати, тие работат непрекинато.
Затоа, при купување нов уред, вреди да се обрне внимание на неговата енергетска ефикасност. Бидејќи фрижидерот често се користи подолго од десет години, разликата во потрошувачката на електрична енергија со текот на времето може да биде значителна.
ТЕЛЕВИЗОРИ И КОМПЈУТЕРИ
Иако поединечно не трошат огромни количества енергија, електронските уреди за широка потрошувачка заедно сочинуваат околу 6 проценти од потрошувачката на енергија во домаќинствата.
Еден од наједноставните начини за заштеда на енергија е целосно да ги исклучувате уредите, наместо да ги оставате во режим на мирување. Важна улога има и големината на телевизорот, поголемиот екран обично значи и поголема потрошувачка на енергија.
ОСВЕТЛУВАЊЕ
Осветлувањето сочинува околу 5 проценти од вкупната потрошувачка на енергија.
Навиката да го гасите светлото кога ја напуштате просторијата може да ја намали потрошувачката, но замената на халогените сијалици со LED сијалици е уште поефикасна. Лед сијалиците трошат значително помалку енергија и се достапни во различни нијанси на светлина.
Кујнските апарати како рерните, плочите за готвење, микробрановите печки и електричните бокали сочинуваат околу 4 проценти од трошоците за енергија.
Микробрановите печки често се поефикасни од конвенционалните рерни бидејќи ја загреваат самата храна, наместо целиот простор во внатрешноста на уредот.
Исто така, можете да заштедите пари при користење на електричен бокал за вода доколку стекнете едноставна навика: загревајте само онолку вода колку што навистина ви е потребно.