Државната комисија за спречување на корупцијата утврди низа ризици во Законот за финансирање на политичките партии и препорача измени на повеќе негови одредби. Под лупа се најдоа распределбата на државните пари, членарините, донациите и обврската за доставување на годишните финансиски сметки.
Една од клучните забелешки се однесува на член 10, кој го регулира начинот на распределба на буџетските средства за финансирање на политичките партии.
ДКСК предлага измени и на член 14, кој ја регулира членарината што ја плаќаат членовите на политичките партии. Според Комисијата, во оваа одредба недостига превентивен механизам, а доколку се надмине дозволениот износ на членарината, во законот не се предвидени соодветни прекршочни санкции.
Посебни забелешки има и за член 16, кој се однесува на максималниот износ на поединечни донации од физички и правни лица. ДКСК препорачува да се уредат сите неопходни аспекти, да се отстрани постојната правна празнина и одредбата да се усогласи со Изборниот законик.
Комисијата предлага и дополнување на член 26, став 7, со што јасно би се утврдила обврската политичките партии да доставуваат годишна сметка за своето финансиско работење и до ДКСК.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, посочи дека се анализирани повеќе членови од законот, при што се утврдени слабости кои, според Комисијата, оставаат простор за различно толкување и можни злоупотреби.