Управата за јавни приходи почна да ги проверува приливите од странство остварени во 2021 година.
Под лупа и заработките на фриленсерите кои работеле за странски компании и клиенти. Контролите можат да ги опфатат и лицата што примале плати и хонорари од странство, сезонски работници, студенти ангажирани во други држави и граѓани што работеле за меѓународни компании и организации.
Граѓаните веќе добиваат известувања за можни неплатени даночни обврски од пред пет години, но од УЈП нагласуваат дека не секоја уплата од странство значи даночен долг.
Новата фаза од проверките следува по контролите на приливите од 2020 година, кога илјадници граѓани добија известувања за приходи што не биле пријавени во домашниот даночен систем.