Џони Деп е подготвен повторно да ја преземе улогата на капетанот Џек Спароу во филмската франшиза „Карибски пирати“, доколку продолжението добие соодветен завршеток. Актерот откри дека неговата главна желба е да помогне приказната да добие финале какво што заслужува.
Во интервју за „Ентертејнмент Тунајт“, Деп објасни што би го натерало повторно да го облече пиратскиот костим.
„Ако сè биде како што треба во однос на начинот на кој ќе заврши серијалот „Карибски пирати“, единственото нешто што навистина го сакам од моето учество е да помогнам да добие подобар завршеток“, изјави актерот.
Тој додаде дека без двоумење би работел повторно со продуцентот Џери Брукхајмер, со кого го поврзува долгогодишно пријателство.
„Би започнал со работа со Џери Брукхајмер уште утре, без разлика на кој проект. Ако е Џери, му верувам“, рече Деп.
Што се случува со шестиот филм?
Деп го играше капетанот Џек Спароу во сите пет филма од франшизата, објавени во периодот од 2003 до 2017 година.
Продуцентот Џери Брукхајмер уште во 2022 година откри дека подготовките за шестиот филм се во напредна фаза и дека тимот веќе има добар сценарио. Тогаш најави дека франшизата ќе добие рестартирање, што би овозможило приказната да продолжи без задолжително учество на актерите од претходните филмови.
Сценариото за новиот проект го подготвува Џеф Натансон, а Брукхајмер неодамна изрази оптимизам дека приказната добива посакувана форма. Особено го пофали третото дејствие од сценариото, за кое рече дека е извонредно.
Покрај овој проект, во план е и посебен филм поврзан со франшизата, според сценарио на Кристина Ходсон, во кој главната улога првично требаше да ја има Марго Роби.
Актерката во 2022 година откри дека идејата била да се создаде приказна со посилно женско присуство, но не и целосно водена од женски ликови.
Брукхајмер подоцна изјави дека се надева оти двата проекти ќе бидат реализирани, вклучително и филмот со Марго Роби.
Продуцентот сака повторно да го види Деп во франшизата
Брукхајмер претходно отворено зборуваше дека би сакал Џони Деп повторно да се појави како Џек Спароу, истакнувајќи дека токму актерот го создал препознатливиот лик.
„Тој го создаде капетанот Џек. Тоа не беше напишано во сценариото. Тој додаде малку од Пепе Ла Пју и Кит Ричардс. Тоа беше негова интерпретација на Џек Спароу“, изјави продуцентот.
Последниот филм, „Карибски пирати: Одмаздата на Салазар“, беше објавен во 2017 година, а во него, покрај Деп, настапија Хавиер Бардем, Кая Скоделарио, Џефри Раш, Орландо Блум и Кира Најтли.
Иако сè уште нема потврда за неговото враќање, изјавата на Деп повторно ја отвора можноста фановите да го видат култниот капетан на големото платно.