Словачка се противи на примена на различни критериуми за земјите што сакаат да станат членки на Европската Унија, а Северна Македонија може да смета на нејзината поддршка во евроинтегративниот процес. Ова го истакна словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар, на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски.
Бланар оцени дека Европската Унија треба да испрати јасна порака дека членството е достижна цел за земјите од регионот. Во спротивно, предупреди тој, незадоволството кај земјите кандидати може да се зголеми, со ризик регионот да се оддалечи од Унијата.
„Не можеме да прифатиме во европската интеграција, која се темели на стандардите на ЕУ, да има различни критериуми за различни држави“, порача Бланар, потсетувајќи на обврските од Солунскиот самит во 2004 година.
Тој ја посочи Северна Македонија како позитивен пример во спроведувањето на Планот за раст, оценувајќи дека Владата е посветена на реформите и има подготвеност да го заврши процесот на европска интеграција.
Бланар нагласи дека двете земји имаат добри политички односи и слични ставови за повеќе геополитички прашања. Тој додаде дека за двете држави, како помали земји, особено важни се стабилноста, безбедноста и почитувањето на меѓународното право.
Освен европската интеграција, во фокусот на разговорите беше и проширувањето на економската соработка. Бланар посочи дека Словачка, како значаен центар на автомобилската индустрија, гледа можности за соработка со Северна Македонија во овој сектор.
За време на посетата, словачката министерка за култура треба да потпише меморандум за соработка со македонската страна, со цел дополнително унапредување на односите меѓу двете држави.
Муцунски ја истакна важноста на поддршката од Словачка за европската перспектива на Западен Балкан и за полноправното членство на Северна Македонија во Европската Унија. Двете страни изразија интерес за продлабочување на билатералните односи, привлекување нови инвестиции и проширување на соработката во повеќе области.