Бугарија до Скопје: Нема место за посредници, прекинете со антибугарскиот наратив

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Бугарија очекува Северна Македонија да покаже подготвеност за создавање политички наратив кој нема да биде насочен против Бугарија. Ова го изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова, која порача дека Софија нема дополнителни барања надвор од веќе утврдената позиција.

Петрова ги коментираше барањата од Скопје за вклучување посредник во преговорите, оценувајќи дека таквиот пристап е нетипичен кога станува збор за односи меѓу земја членка на Европската Унија и земја кандидат.

„Нетипично е да има посредник меѓу земја членка на ЕУ и земја кандидат за договори кои не се од билатерален карактер, туку се усвоени и одобрени на европско ниво“, истакна Петрова за време на парламентарната седница.

Таа нагласи дека дијалогот со Северна Македонија ќе биде тежок сè додека, како што рече, не се промени политичкиот наратив во земјата.

„Важно е да видиме подготвеност за политички наратив кој не е антибугарски, бидејќи досега тоа беше главниот наратив“, изјави бугарската министерка.

Одговарајќи на прашање од пратеникот Георг Георгиев од ГЕРБ-СДС за одржувањето дијалог на високо ниво меѓу двете земји во контекст на европската интеграција, Петрова ги отфрли тврдењата дека Бугарија би можела да постави дополнителни услови или да ја промени својата досегашна позиција.

Таа посочи дека бугарската политика кон Северна Македонија се темели на европскиот консензус од 2022 година и последователните одлуки на бугарскиот парламент.

Поранешниот шеф на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, упати совет до Петрова, оценувајќи дека во постапките на македонските власти нема политичка логика.

„Вие барате политичка логика во нивните постапки, а таква нема. Повеќепати се обидувавме да најдеме основа за нивните постапки и реторика. Апсолутно нема никаква логика во нивното однесување“, рече Георгиев, пренесува БГНЕС.

Најнови вести