Бугарија утре ќе прогласи ден на жалост поради тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“, во која загинаа 12 лица, а десетици беа повредени. Ова го соопшти премиерот Румен Радев, оценувајќи дека станува збор за „црн ден за цела Бугарија“.
Радев упати сочувство до семејствата на загинатите и им се заблагодари на спасувачките екипи и граѓаните кои учествувале во спасувачките активности, и покрај исклучително тешките временски услови и намалената видливост.
Тој најави дека лично ќе ги посети болниците во Бургас, Сливен и Јамбол, каде што се згрижени повредените, заедно со министерката за здравство.
Според министерката за здравство Катја Ивкова, вкупно 51 пациент биле транспортирани во болниците во трите градови. Најмногу, 33 пациенти, се згрижени во Сливен, 11 во Јамбол, а седум во Бургас. Тринаесет лица се во тешка состојба.
Здравствените власти се подготвени да организираат воздушен транспорт на пациентите до болници во Софија доколку се појави потреба. Во моментов нема барање за таков транспорт, а болниците располагаат со доволно резерви на крв и крвни продукти.
Министерството за одбрана, исто така, ставило на располагање медицински екипи, реанимобили и воени летала за евентуална помош при транспортот на повредените.
Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев изјави дека наглото намалување на видливоста било причина за првичната сообраќајна несреќа. Видливоста, според неговите информации, се намалила од 70-80 метри на само 10 метри.
Тој посочи и на недостатоци во размената на информации меѓу тол-системот, сообраќајната полиција и другите надлежни институции, како и на недостигот од информативни табли што би ги предупредувале возачите за опасностите на патиштата.
Радев најави дека Владата работи на воспоставување единствен национален информативен центар за размена на податоци во реално време меѓу институциите задолжени за безбедноста во сообраќајот.
Тој ги оцени проблемите со патната инфраструктура како системски и побара да се утврди одговорност за евентуалните пропусти при изградбата и реконструкцијата на патиштата.
Воедно, апелираше до возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, особено при магла и намалена видливост.
Премиерот соопшти дека семејствата на загинатите ќе добијат финансиска помош, а Владата ќе разгледа и дополнителни можности за поддршка.