Владата на денешната седница ја прифати иницијативата за добивање итно мислење од Венецијанската комисија во врска со предложениот начин на полагање на правосудниот испит.
Од Министерството за правда велат дека со ова се бара независна експертска процена за тоа дали предложениот модел е во согласност со Уставот, меѓународните правни документи и европските стандарди.
Во текот на постапката, претставници на Венецијанската комисија ќе одржат консултации со надлежните институции, парламентарните политички партии, деканите на петте правни факултети, како и со претставници на студентските организации.
Предвидено е експертите да присуствуваат и на практични демонстрации на двата дела од испитот. Писмениот дел ќе биде презентиран во Апелациониот суд во Скопје, додека демонстрацијата на усниот дел ќе се одржи во Министерството за правда.
Предложеното решение предвидува воведување единствен систем на полагање, со исти услови и професионални критериуми за сите кандидати, без разлики во начинот на испитување или посебни стандарди.
Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа, во кое членуваат претставници од 61 држава. Нејзината улога е да дава стручни мислења за законодавството и неговата усогласеност со демократските и правните стандарди.
Од Министерството за правда посочуваат дека целта е законските решенија да се засноваат на Уставот, правото и европските стандарди, а конечните одлуки да произлегуваат од стручна анализа и правни аргументи.