Вкупно 86 возила учествувале во двете тешки верижни сообраќајни несреќи што утрово се случиле на автопатот „Тракија“, во близина на Зимница, Бугарија.
Според информациите на БГНЕС, животот го загубиле 11 лица, додека 50 се повредени.
Од вкупниот број возила што учествувале во несреќите, 63 се движеле во правец кон Бургас, а 23 во правец кон Софија.
Овие информации ги соопштил заменик-министерот за внатрешни работи на Бугарија, Калојан Калојанов, на прес-конференција од местото на трагедијата, пренесува БГНЕС.
Според неговите изјави, вкупно 50 лица се повредени во двете сообраќајни несреќи.
Од нив, 16 се хоспитализирани во болниците во Јамбол, 28 во Сливен, додека шестмина повредени се сместени во болниците во Бургас.
Калојанов потврдил дека десет лица загинале на самото место на несреќите, додека уште едно лице им подлегнало на повредите во болница во Сливен.
Надлежните служби се ангажирани на справување со последиците од тешките сообраќајни несреќи.
Во меѓувреме, министерката Катја Ивкова соопшти дека бројот на загинати во тешките верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ се зголемил на 12 лица.
Веднаш по добивањето на пријавата за несреќите била активирана спасувачката операција „Спаси“, соопшти главниот секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи, Љубомир Николов.
Според неговите зборови, првичниот судир се случил на коловозната лента во правец кон Бургас, откако товарно возило му го попречило патот на автобус што превезувал група патници.
Потоа, зад автобусот дошло до судир со товарен камион што превезувал жито, а во задниот дел на камионот удрил патнички автомобил.