Бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков, изјави за бтв, дека би бил исклучително изненаден доколку властите во Северна Македонија не знаеле за заминувањето на Ива Михајлова од земјата.
Бугарската држава не била информирана за нејзината намера да замине, а бугарската амбасада за ова дознала преку медиумите, појасни Радуков.
Тој го коментираше случајот откако беше повикан на средба во Министерството за надворешни работи на Северна Македонија. Повод за средбата е заминувањето на Ива Михајлова од земјата, која отпатувала со својот бугарски адвокат, без на граничните премини меѓу Бугарија и Северна Македонија да има евиденција за нејзиното преминување.
„Би било малку недипломатски да споделам како точно помина оваа средба. Но, да се ограничиме на најопштото – нашите соседи од Северна Македонија ја изразија својата загриженост за случајот. Од моја страна, и јас ја изразив нашата загриженост“, изјави бугарскиот амбасадор за бТВ.
Тој појасни дека ниту бугарската држава, ниту тој лично имале информации дека Михајлова се подготвува да ја напушти Северна Македонија.
„Напротив, очекувавме да продолжи судскиот процес за главниот предмет, како и разгледувањето на жалбите што постојано се поднесуваа за нејзино ослободување заради лекување. Се подготвуваше и заедничка работа на медицинска комисија, веќе со учество на бугарски лекари, кои требаше да ја разгледаат медицинската документација и можностите за нејзино лекување“, објасни Радуков.
Според неговите зборови, бугарската амбасада за постапките на Ива Михајлова и нејзиниот адвокат дознала од медиумите.
„Од вас дознав. Вие нè информиравте. Тоа не беше најсоодветниот и најдобриот начин да дознаеме за нешто што, сепак, е толку важно“, рече тој.
Радуков изјави дека амбасадата ѝ пружала помош на Михајлова во сите аспекти – не само во однос на класичните конзуларни прашања, туку и во врска со нејзината положба како македонска Бугарка, вклучително и преку механизмот за поддршка на македонските Бугари.
„Беше обезбеден еден од најдобрите адвокати во земјата. Беа платени значителни трошоци поврзани со тоа, како и бројни вештачења. Беа одржани низа средби. Односно, ние направивме сè што беше потребно за неа, со цел случајот да добие успешна разрешница, но сепак на правилен и законски начин“, рече амбасадорот.
Тој го оцени заминувањето на Михајлова како изненадување и изјави дека не може да поддржи таква постапка, иако го разбира нејзиниот очај.
„Не можеме да не го разбереме очајот и ужасната ситуација во која беше доведена. Не можеме да не разбереме дека од неа се бара да има доверба во судски систем во кој довербата на јавноста тука изнесува некаде околу 2%“, изјави Радуков.
Според неговите зборови, во Северна Македонија постојат механизми за ослободување на лица во слична состојба заради лекување во странство, кои се применуваат релативно брзо.
Тој го наведе примерот со новинар кој бил ослободен за да придружува свој роднина на лекување во странство.
Радуков нагласи дека случајот од самиот почеток бил од хуманитарен карактер, но според него добил политичка димензија поради начинот на кој била третирана Михајлова.
„За жал, да. Ова од самиот почеток беше хуманитарен случај. Токму моите домаќини одлучуваа дали тој ќе прерасне во политички случај или не. Со одлуката госпоѓа Михајлова да биде третирана на начин различен од сите останати, а таа се разликува од другите единствено по тоа што е Бугарка, овој случај доби политичка димензија – како во нашата земја, така и подоцна тука. И тоа беше апсолутно непотребно“, изјави тој.
Според Радуков, развојот на случајот го одвлекол вниманието од прашањето зошто за Михајлова не биле применети правилата што важат за останатите граѓани во Северна Македонија.
„Кога почнуваме да размислуваме кој што направил и со каква цел, а не знаеме и немаме доволно информации, добро е да си поставиме едно големо прашање: кој добива, а кој губи?“, рече амбасадорот.
Според неговите зборови, Бугарија имала сериозна меѓународна поддршка и аргументи во прилог на ослободувањето на Михајлова заради лекување во странство. Тој смета дека Северна Македонија има поголема корист од начинот на кој се развива ситуацијата.
„Прво, еден многу јасен случај на очигледна дискриминација се разводнува и во моментов, наместо да разговараме зошто за госпоѓа Михајлова не се применуваат правилата што важат за сите останати, ние разговараме за тоа како таа ја преминала границата меѓу двете држави“, објасни Радуков.
Тој исто така посочи дека развојот на случајот го одвлекува вниманието од европскиот притисок врз Северна Македонија да разговара со Бугарија за исполнувањето на преземените обврски и за напредокот на земјата на нејзиниот европски пат.
Бугарскиот амбасадор потсети дека пасошите на Михајлова ѝ биле одземени со судска одлука уште во октомври минатата година. Според неговите зборови, таа не можела да ја напушти земјата со нив, немала македонска лична карта и била ставена на листата на лица на кои им е забрането да ја напуштат земјата.
Освен тоа, пред нејзиниот дом редовно имало полициска патрола, а кога излегувала, ја следеле полициски службеници во цивилна облека.
„Таа самата има раскажувано дека во ноќните часови над нејзината куќа летале дронови. И одеднаш сето тоа на некаков начин исчезнува и таа ја преминува границата? Ве молам“, изјави Радуков.
На прашањето дали е можно таа да ја напуштила земјата без знаење на властите, тој одговори:
„Тоа не можам да го тврдам, но би бил исклучително изненаден доколку не било координирано.“
Амбасадорот додаде дека е можен секаков пропуст, но нагласи дека Северна Македонија е современа држава со сериозни органи за спроведување на законот, особено кога станува збор за случаи со голем политички одек.