„Крени ми, зашто сите ќе умреме уште вечерва“: Нова порака од Михаилова до Цанов (ВИДЕО)

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Ново видео објави бугарскиот јутубер Станислав Цанов во кое презентира нови пораки и делови од телефонски разговори кои ги водел со бегалката Ива Михаилова и нејзината мајка Христина.

Тој во видеото тврди дека тие се обидувале да го убедат да ја повлече претходната снимка која ја објави и во кои има наводни притисоци од бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС).

Михаилова му пишала само неколку минути по објавувањето на првото видео, тврди јутуберот и вели дека таа се плашела за нејзината безбедност, но и за безбедноста на нејзините родители.

„Јави ми се веднаш. Крени ми, зашто сите ќе умреме уште вечерва“, е една од пораките што Цанов ги презентира во новото видео.

Тој тврди дека Михаилова му испраќала пораки во кои го молела да ја отстрани снимката, стравувајќи од последиците поради она што претходно му го кажала. Според неговото објаснување, пораките подоцна биле избришани, но тој претходно направил видеоснимка од нивната преписка.

Во новото видео е презентиран и дел од телефонски разговор со жена за која Цанов тврди дека е мајката на Михаилова. Во разговорот таа бара да не се споменуваат безбедносните служби, наведувајќи дека тоа е нејзиниот единствен услов и дека во спротивно би можела да биде ликвидирана.

Цанов вели дека располага со целосни аудиоснимки од разговорите, кои, според него, траат повеќе од два часа, и дека е подготвен да ги достави на проверка.

Претходно, Цанов објави снимка од разговор со Михајлова во која таа зборуваше за наводни притисоци од ДАНС, поврзани со нејзиното медиумско појавување и условите за добивање помош за лекување и правна поддршка.

Но, на 15 ноември таа преку објава на социјалните мрежи порача дека никој во Бугарија не ја принудувал да прави нешто против своја волја.

„Тука добив помош, грижа и поддршка“, напиша Михајлова и упати апел до јавноста да ја остави на мир за да може да се посвети на лекувањето.

Бугарската ДАНС ги отфрли обвинувањата, соопштувајќи дека нејзини службеници не вршеле притисок врз Михајлова. Од агенцијата посочија и дека потеклото на објавените снимки не е потврдено, а изнесените тврдења не се докажани. Мартин Карбовски, пак, негираше дека е агент на ДАНС.

Најнови вести