Ива Михаилова која избега од Македонија во Бугарија денеска преку статус на социјалните мрежи демантира дека никој во Бугарија не ја принудувал на ништо, откако во јавноста беше објавена аудио снимка од бугарскиот јутјубер Станислав Цанов од тајно снимени разговори во кои Михаилова зборува за наводен притисок од бугарската Државна агенција за национална безбедност.
„Благодарам на сите коишто ми пишувате и грижите за мене. Сакам да нагласам дека никој во Бугарија не ме принудувал да правам што било. Тука добив помош, грижа и поддршка. Ја чувствувам поддршката на целиот бугарски народ и таа ми дава сила секој ден“, напиша Михаилова.
Во објавата таа не ги споменува директно ниту Цанов ниту ДАНС, ниту ги коментира конкретните наводи од објавените снимки. Посочува дека не сака да биде дел од политички расправии и најавува дека повеќе нема да се изјаснува за оваа тема.
Михаилова вели дека во моментов најважно ѝ е да закрепне и да продолжи со лекувањето, со цел повторно да може нормално да оди.