Борбата на холивудскиот актер Брус Вилис со фронтотемпоралната деменција, според медиумските извештаи, носи нови предизвици, особено кога станува збор за неговата способност за комуникација.
Актерот, кој во последните години се повлече од јавноста поради болеста, наводно сè потешко ги пронаоѓа вистинските зборови и составува реченици. Според „Дејли мејл“, повикувајќи се на неименуван извор, кај него повторно се појавило и пелтечењето со кое се соочувал во детството.
„Прави долги паузи, како да е замислен. Но, всушност, се обидува да ги пронајде вистинските зборови и да сфати како да се изрази“, раскажал изворот.
Говорните тешкотии не му се непознати на Вилис. Како дете пелтечел, поради што го добил прекарот „Бак-Бак“. Пресврт во неговиот живот настапил кога се приклучил на училишната драмска група и открил дека глумата му помага полесно да зборува.
Во текот на кариерата развил и техника со која ги избегнувал зборовите што му создавале проблеми, заменувајќи ги со поедноставни изрази. Сепак, според истиот извор, болеста влијаела врз неговата способност да ја користи оваа стратегија.
Наводно, денес е многу потивок и поповлечен отколку порано. Иако ги забележува промените, изворот тврди дека не е целосно свесен за сериозноста на својата здравствена состојба.
Во март 2022 година, семејството соопшти дека на актерот му е дијагностицирана афазија, нарушување што влијае врз способноста за говор и разбирање на јазикот. Во февруари 2023 година беше објавено дека станува збор за фронтотемпорална деменција, заболување што може да влијае врз говорот, однесувањето и личноста.
Вилис денес живее во посебна куќа во близина на семејниот дом, каде што има целодневна нега. За него се грижат сопругата Ема Хеминг Вилис, поранешната сопруга Деми Мур и нивните пет ќерки.
И покрај здравствените предизвици, според медиумските извештаи, актерот сè уште ужива во едноставните работи – кратки излети, возење автомобил, сладолед и музика. Особено ги сака песните на Нил Дајмонд.