Расел Бренд осуден на 10 години и шест месеци затвор за силување и сексуални напади

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Британскиот комичар и актер Расел Бренд е осуден на 10 години и шест месеци затвор, откако беше прогласен за виновен за силување на една жена и сексуално нападнал уште три жени во текот на својата кариера во шоу-бизнисот.

Пресудата беше изречена во понеделникот во судот Саутворк Краун во Лондон. Судијата Џоел Бенатан во образложението на казната изјави дека Бренд, кој денес има 51 година, станал „сексуален предатор“ додека се искачувал кон славата пред околу две децении.

„Бевте паметен, а во очите на многумина и смешен и харизматичен. Но, станавте и сексуален предатор“, изјави судијата.

Тој нагласи дека секоја жена има право да каже „не“, без оглед на тоа како е облечена, каде се наоѓа или колку алкохол консумирала, додавајќи дека жртвите имаат право да бараат правда кога нивната согласност не е почитувана.

Бренд минатата недела беше прогласен за виновен од порота за силување на 21-годишна жена во 2009 година, како и за сексуални напади врз три други жени. Тој беше ослободен од обвиненијата за уште две силувања и еден обид за непристоен напад.

Покрај затворската казна, неговото име доживотно ќе биде заведено во регистарот на сексуални престапници.

Жртвите сведочеа за последиците од нападите

За време на изрекувањето на казната, судот ги сослуша изјавите на четирите жени за последиците што ги оставиле нападите врз нивните животи.

Една од жртвите, која била сексуално нападната во бар во центарот на Лондон во 2004 година, изјавила дека доживеала целосен шок и вознемиреност по настанот. Таа посочила дека годините во кои Бренд бил постојано присутен во медиумите и неговото однесување било претставувано како шега, дополнително ѝ го отежнале справувањето со траумата.

Жената која била силувана во 2009 година, откако се запознала со Бренд на негов настап во западен Лондон, изјавила дека почнала да консумира алкохол за да ги потисне чувствата и сеќавањата.

Друга жртва, која работела во нејзината компанија во 2005 година, го опишала како сексуален предатор без каење за последиците од неговото однесување.

Последната жена, која работела во телевизијата „Канал 4“ во 2009 година, изјавила дека се плаши нападот да не ја прогонува до крајот на животот и дека стравува од последици поради тоа што ја кажала вистината.

Бренд не покажал видливи емоции додека ја слушал пресудата. Според британската новинска агенција „Прес асошиејшн“, тој кратко разговарал со сопругата Лора Галачер и ѝ рекол дека ќе бидат добро пред да биде одведен во затвор.

Полицијата истражува и други обвиненија

Британската полиција соопшти дека истрагата против Бренд продолжува и дека се проверуваат уште две пријави за силување.

Детективот Енди Фарфи изјави дека пресудата претставува значаен момент во истрагата и дека жртвите покажале огромна храброст, достоинство и истрајност, и покрај повторното соочување со трауматичните искуства и големото медиумско внимание.

Обвиненијата против Бренд станаа предмет на поширока истрага во 2023 година, по објавувањето на истражувања на британските медиуми „Тајмс“, „Сандеј Тајмс“ и „Канал 4“, во кои повеќе жени изнесоа обвинувања за сексуално насилство. Тие жени не биле меѓу шесте обвинителки во судскиот процес.

За време на четиринеделното судење, Бренд призна дека имал многу сексуални партнерки, но тврдеше дека сите односи биле доброволни.

Бренд се прослави во раните 2000-ти како водител на емисијата „Celebrity Big Brother’s Big Mouth“ на „Канал 4“, а подоцна водеше и радиоемисии на Би-Би-Си. Во последната деценија се насочи кон содржини за духовност, медитација и религија, а по пандемијата на коронавирусот стекна голема публика на интернет.

Најнови вести