Европската комисија во најновиот извештај за Македонија укажува на сериозни проблеми во независноста на судството и слободата на медиумите. Во документот се посочуваат политички притисоци врз судиите, недостиг на финансиски средства во правосудството, но и значително зголемување на тужбите против новинарите.
Според оценката на ЕК, судството и натаму е изложено на надворешни влијанија. Особена загриженост предизвикуваат изјавите на високи владини функционери за потребата од чистки во судовите и обвинителствата, како и јавните напади врз судии, кои се оценети како обиди за заплашување и мешање во работата на правосудните институции.
Во ноември 2025 година, Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии излегоа со заедничка реакција против континуираните критики од страна на власта. Европската комисија го оцени овој настап како редок и значаен чекор во одбрана на независноста на судството и поделбата на власта.
Дополнителен проблем претставува недоволното финансирање. Судскиот буџет изнесува само 0,29 отсто од БДП, иако законскиот минимум е 0,8 отсто. Поради недостиг на средства во буџетот за 2026 година, Академијата за судии и јавни обвинители го поништи конкурсот за прием на 130 кандидати. Тоа значи дека нови судии и обвинители нема да бидат достапни до 2028 година, додека во системот веќе недостигаат 221 судија и 67 јавни обвинители.
Во делот на слободата на изразување, Европската комисија не бележи напредок. Во 2025 година биле поднесени 40 тужби за навреда и клевета против новинари, наспроти 15 во текот на 2024 година.
Здружението на новинари на Македонија регистрирало и пет посериозни случаи на прекршување на новинарските права. Меѓу нив се палење имот на новинар, насилен упад во редакција и организирано онлајн вознемирување на новинарки.
Критики се упатени и за повторното воведување платени владини кампањи во приватните медиуми. Според ЕК, ваквата практика може да отвори простор за политичко влијание врз уредувачката политика и да ја наруши независноста на медиумскиот пазар.
Негативна оценка има и во областа на борбата против корупцијата, каде што Комисијата не утврдува напредок. Измените на законодавството од јануари 2026 година не ги отстраниле последиците од спорните измени на Кривичниот законик од 2023 година.
Во извештајот дополнително се посочува дека голем број предмети за корупција на високо ниво застаруваат, додека одземањето на незаконски стекнатиот имот и понатаму останува сериозна слабост на институциите.