Квентин Тарантино го избра најдобриот филм на 21 век, но неговиот режисер не се согласува

Тарантино го стави „Black Hawk Down“ на Ридли Скот на првото место меѓу најдобрите филмови снимени во овој век. Самиот Скот, сепак, има поинакво мислење.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Квентин Тарантино смета дека „Black Hawk Down“ е најдобриот филм снимен досега во 21 век. Ридли Скот, човекот кој го режираше воениот спектакл од 2001 година, очигледно не е толку убеден.

Британскиот режисер неодамна реагираше на пофалбите од својот колега, кој го постави „Black Hawk Down“ на првото место на својата листа од 20 најдобри филмови на 21 век.

Неговата реакција беше типично директна и со добра доза хумор.

„Се прашувам што земал, бидејќи што и да е, сакам и јас“, се пошегува Скот во разговор за The Times.

А кога директно го прашаа дали се согласува дека неговиот филм е најдобриот во овој век, одговорот беше уште пократок:

„Не.“

За Тарантино, „Black Hawk Down“ е ремек-дело

Тарантино ја објави својата листа во декември 2025 година, во подкастот на Брет Истон Елис, избирајќи ги своите 20 најдобри филмови снимени од 2000 година наваму.

„Black Hawk Down“ го освои првото место, пред филмови како „Toy Story 3“, „Lost in Translation“, „Dunkirk“, „There Will Be Blood“ и „Zodiac“.

Интересно е што Тарантино не бил толку воодушевен од филмот кога првпат го гледал.

Со текот на времето, неговиот однос кон него се променил. По повторното гледање почнал да го смета за ремек-дело, особено поради визуелната амбиција на Ридли Скот и начинот на кој режисерот го претвора воениот хаос во интензивно филмско искуство.

Тарантино дури го спореди неговиот ефект и визуелен пристап со „Apocalypse Now“.

Филм за битката во Могадишу

„Black Hawk Down“ беше премиерно прикажан во 2001 година и е инспириран од настаните за време на битката во Могадишу, Сомалија, во 1993 година.

Приказната следи американска воена операција која прераснува во спасувачка мисија откако два хеликоптери Black Hawk се соборени над градот.

Филмот има голема актерска екипа во која се Џош Хартнет и Јуан Мекгрегор, а во една од своите рани филмски улоги се појавува и Том Харди.

„Black Hawk Down“ беше и комерцијален успех, а освои два Оскари – за монтажа и звук.

Но, за Тарантино неговата вредност очигледно оди многу подалеку од наградите. За него, начинот на кој Ридли Скот го пренесе хаосот на војната на големото платно е доволен „Black Hawk Down“ да го стави пред сите други филмови снимени во овој век.

Ридли Скот, пак, очигледно би избрал некој друг.

Најнови вести