Во државата се регистрирани четири лабораториски потврдени случаи на мали сипаници, од кои еден увезен, во време кога во Косово и Бугарија се во тек епидемии. Според проценката на Институтот за јавно здравје, ризикот од нови случаи е зголемен, но засега нема пошироко ширење на национално ниво. Сите заболени се невакцинирани, а две се бебиња кои поради возраста уште не можеле да бидат вакцинирани.
-Има четири потврдени случаи на морбили во државата, од кои еден е странски и три македонски државјани – од Велес, Штип и Скопје. Од домашните случаи, две се бебиња под 12 месеци и еден е на возраст над 40 години. Во сите три случаи станува збор за невакцинирани лица. Бебињата до 12 месеци не се опфатени со вакцината и треба да ги заштитите со вакцинација на сите во околината, изјави денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.
Епидемиолошките служби ги идентификуваат и следат сите контакти. На сите јавни и приватни здравствени установи им е доставен протокол за рано препознавање, тријажа и изолација. Градинките и училиштата добија упатство за превентивни мерки.
„Малите сипаници се едно од најзаразните заболувања, но од нив можеме да се заштитиме. Две дози МРП вакцина се најсигурната заштита. Ги повикувам родителите да го проверат картонот за вакцинација на децата, а возрасните кои не се сигурни дали се вакцинирани да се консултираат со матичниот лекар. Со тоа ги штитиме и бебињата, кои се премали за вакцина“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
Министерството ги повикува граѓаните:
– да ги надоместат пропуштените дози МРП вакцина во најблискиот вакцинален пункт;
– при висока температура, кашлица, црвени очи и осип да останат дома и прво телефонски да се јават на матичниот лекар, наместо да одат директно во чекалница;
– ако биле во контакт со заболено лице, веднаш да се јават на матичниот лекар или во Центарот за јавно здравје.
– да не праќаат болно дете во градинка или училиште.
Министерството, Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје континуирано ја следат состојбата и ќе ја информираат јавноста за секоја промена.