Саудиските власти денеска соопштија дека повеќе лица се повредени во напад врз меѓународниот аеродром „Крал Халид“ во Ријад, кој прекина да работи.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот, кој се случи по серијата ракетни напади врз Саудиска Арабија, извршени од јеменските Хути, кои се поддржани од Иран, пренесува Ројтерс.
Аеродромот во Ријад претходно оваа недела беше цел на два напада, во кои загинаа четири лица.
Пред денешниот напад не било активирано предупредување за воздушна опасност.
Еден очевидец на аеродромот изјавил дека видел експлозија, а потоа и повеќе повредени луѓе како лежат на подот во зградата на аеродромот. Биле забележани повеќе од десет амбулантни возила како брзаат кон објектот.
Еден од повредените патници изјавил за Ројтерс дека видел нешто како прелетува преку небото над аеродромот, непосредно пред дел од таванот во близина на излезот за качување во авион да се урне.
Американскиот претседател Доналд Трамп, во разговор со новинарите пред Белата куќа непосредно по нападот, не ја исклучил можноста САД да им се приклучат на саудиските напади врз Хутите.
„Можеби ќе го направиме тоа. Ќе ја разгледаме можноста. Штотуку дознавме за последниот напад, па затоа ќе донесеме одлука. Дејствуваме многу брзо“, изјавил Трамп.