Косово изгуби 43,8 милиони евра од Планот за раст на Европската Унија поради политичката блокада и неисполнувањето на шест од вкупно 13 реформски чекори, чиј рок истекол во јуни годинава. Ова го соопшти главниот преговарач на Косово со ЕУ и национален координатор за Планот за раст, Јетон Зулфај.
Обраќајќи се пред Комисијата за европска интеграција на косовското Собрание, Зулфај посочи дека Косово во дополнителниот рок, кој траел до јуни 2026 година, успеало да спроведе седум од предвидените 13 чекори, додека останатите шест не биле реализирани навреме.
Вкупната вредност на Планот за раст за Косово изнесува 882,6 милиони евра, од кои две третини се кредити поврзани со исполнувањето на 111 реформски чекори, кои треба да бидат реализирани до крајот на август следната година.
Зулфај информираше дека на 15 јули Косово го поднело првото барање за исплата, со кое побарало 153,4 милиони евра за 20 спроведени реформски чекори. Конечниот износ ќе зависи од проценката на Европската Унија, а се очекуваше точната сума на одобрените средства да биде соопштена во првите денови на ноември.
Тој нагласи дека најголем дел од неисполнетите реформи барале усвојување законски решенија во Собранието, кое во тој период било распуштено поради политичката блокада.
Меѓу реформите што повторно се вратени во собраниска процедура се законите за енергетика и стечај, законскиот пакет за правосудството, како и стратегијата за борба против организираниот криминал.
Зулфај предупреди дека Косово до 31 декември мора да исполни уште 22 реформски чекори за да обезбеди средства во вредност од 131,5 милиони евра. Од нив, десет акти треба да бидат усвоени во Собранието, додека дел од предлог-законите треба да ги достави Владата.
Тој посочи дека процесот може дополнително да се одолговлечи поради времето потребно Европската комисија да ги достави своите забелешки и мислења за предложените законски решенија. Според него, ЕУ бара околу 90 дена за доставување на коментарите, што може да предизвика дополнителни доцнења.
Меѓу законите што се очекува да бидат доставени до крајот на ноември се предлог-законот за иновации, кој веќе е во собраниска процедура, како и законите за јавни набавки и јавно-приватно партнерство.