Путин со пофалби за Маск: Тој е гениј, во контакт сме со него за сателитските констелации

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија е во контакт со американскиот милијардер Илон Маск во врска со сателитските констелации во ниската орбита на Земјата, и покрај политичките несогласувања меѓу двете земји.

„Илон Маск е индустриски гениј. Тој има повеќе од 5.000 сателити во орбитата. Ние сме во тесен контакт со нашите американски партнери, вклучително и со господинот Маск“, рече Путин за време на обиколката на изложба на маргините на самитот „Русија-Африка“, пренесува „Спутник“.

Путин нагласи дека лансирањето сателити во орбитата бара ред и дисциплина, додавајќи дека Русија и САД ѝ посветуваат големо внимание на оваа област и продолжуваат да соработуваат и покрај политичките разлики.

Тој посочи дека комуникацијата со Вашингтон продолжува во областа на вселенската соработка, особено во однос на компанијата „Старлинк“ на Маск.

Осврнувајќи се на руската сателитска мрежа „Расвет“, која е замислена како систем сличен на „Старлинк“, Путин рече дека проектот сè уште е во почетна фаза на развој. Според него, системот има висок квалитет, но следниот чекор е да се зголеми бројот на сателити во орбитата.

Рускиот претседател потсети дека во моментов околу 30 сателити од системот „Расвет“ се наоѓаат во орбитата.

„Ова е само нашиот прв чекор. Но, горди сме што ја започнавме оваа работа и што ја започнавме самостојно. Важно е тоа што првиот чекор е направен. Квалитетот е тука. Сега е важно од квалитет да преминеме кон квантитет“, изјави Путин.

Најнови вести