мрежа за заштита од дискриминација

Рaботничките права не се трошок за кратење: Реакција по предлогот на Стопанската комора за неработните денови

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Мрежата за заштита од дискриминација со остра реакција се спротивставува на предлогот на Стопанската комора за неработните денови и нивно индивидуално договарање меѓу работникот и работодавачот.

Во соопштението испратено во медиумите наведуваат дека работничките права мора да бидат заштитени со закон и колективни договори. Нивното користење не смее да зависи од волјата на работодавачот или од преговарачката моќ на работникот.

Додаваат дека кога работникот стравува за своето работно место, индивидуалното договарање лесно станува притисок да се откаже од своите права. Најизложени се работниците со ниски примања и несигурни вработувања, посочувајќи дека се потребни силни законски гаранции, синдикално организирање и колективно договарање.

Ниту работодавачите ниту Стопанската комора треба да проценуваат кој е „доволно верник“ за да користи празник. Работниците не треба да ги оправдуваат своите уверувања, ниту да објаснуваат како го поминуваат слободното време и каде ги трошат заработените пари.
За работничките права не се одлучува без работниците и нивните синдикати.

Секоја промена што ги засега мора да биде предмет на суштински социјален дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, со цел унапредување на правата и условите за работа.

Од Мрежата за заштита на дискриминација бараат од Владата, како што велат, да ги заштити постојните права и да не прифаќа нивно префрлање од законска гаранција во индивидуално договарање. Бараме да се зачува и постојната заштита за неработниот ден кога празник паѓа во недела.

Поголема продуктивност се гради со инвестиции, подобра организација, безбедни услови и достоинствени плати. Работниците не смеат повторно да ја плаќаат цената на економските проблеми со помалку одмор и помалку права.

Ни требаат подобри услови за работа, силни колективни договори и вистински социјален дијалог. Работничките права не се предмет на пазарење! се вели во реакцијата.

Најнови вести