Склучен е договор за дополнителни 26.000 вакцини против грип од производителот „Санофи”, кои ќе пристигнат до 15 ноември, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски.
Од почетокот на кампањата на 14 октомври, досега се пријавени вкупно 66.821 граѓанин, со просек од 4.455 пријави дневно. Најголем дел од пријавените се лица над 65 години, по што следуваат хронично болните. Најголем интерес има во Скопје, Битола, Прилеп, Струмица и Тетово.
,,Сезоната на грип е најизразена во јануари и февруари. Вакцинацијата спроведена до првата недела од јануари обезбедува навремена заштита. Словенија и Хрватска ќе почнат со вакцинација во ноември – и тоа не е доцна. Вакцини има доволно за сите пријавени. Ги замолувам граѓаните за трпение, секој ќе биде повикан на термин. Исто така, од неделава тимови на здравствените домови вакцинираат во домови за стари лица, а од следната недела и во центрите за дијализа”, рече министерот Клековски.
Досега има вкупно 56.000 вакцини, а најавени се уште 30.000 вакцини до крајот на ноември. Со тоа ќе бидат обезбедени вкупно 86.000 вакцини – најмногу досега, и околу 20.000 повеќе од бројот на моментално пријавени граѓани.