Театарот „Војдан Чернодрински“ на 2 ноември, со почеток во 20 часот, на Сцена 105 ќе ја изведе претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски. Изведбата е дел од програмата за одбележување на 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп.
Настанот ќе биде посветен и на шесте фестивалски награди што ги освои претставата на МТФ „Војдан Чернодрински“ и на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.
По завршувањето на претставата, на актерот Александар Степанулески ќе му биде врачено признанието за најдобар актер на фестивалот „Ристо Шишков“, за неговата улога на Луков.
На јубилејното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, „Црнила“ освои пет награди: за најдобра режија на Дејан Пројковски, сценографија на Валентин Светозарев, костимографија на Марија Пупучевска, како и актерските признанија за Сара Спиркоска и Димитар Ѓорѓиевски.
Претставата ги отвора прашањата за поделбите, заедништвото и темните страници од македонската историја.
Музиката е на Горан Трајковски, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска. Во актерската екипа настапуваат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Марија Спиркоска-Илијеска, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски и Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.