„Тројца министри на Орбан се приведени, украле пари и од Унгарија направиле земја со најголема корупција. Сметам дека не би било во ред Орбан да биде на чело на ОН“, изјави Маѓар на прес-конференција по заедничката седница на чешката и унгарската влада.
Унгарскиот премиер, одговарајќи на прашање за идејата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп Орбан да стане генерален секретар на светската организација, оцени дека ОН, како и некои други меѓународни организации, имаат многу недостатоци, но дека сепак не верува оти некој сака да ги укине или уништи.
Од Орбан денеска индиректно се дистанцираше и чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој до последен момент го поддржуваше поранешниот унгарски премиер и ги охрабруваше Унгарците да гласаат за него, тврдејќи дека наводно само тој ги брани нивните национални интереси.
Министерот за надворешни работи во владата на Бабиш, Петр Мацинка, дури и пред априлските избори отпатува во Будимпешта, се вклучи во кампањата за поддршка на Орбан и изјави дека тој е личност „каква што се раѓа еднаш на 500 години, како Микеланџело Буонароти“.
„Јас, како чешки премиер, настојувам да имам добри односи со сите во Европскиот совет и на меѓународен план. Нема проблем, ние почитуваме кога гласачите во тие земји одлучуваат кој ќе биде на власт. Ние сме прагматични. Премиерот Маѓар извојува голема победа, има уставно мнозинство, нема коалициски партнери, му завидувам“, изјави денеска Бабиш.
Маѓар истакна дека е над идеологиите и дека на политиката ѝ пристапува без идеолошки товар, додека неговата партија Тиса обединила луѓе од сите делови на политичкиот и идеолошкиот спектар.
„Ние едноставно не се расправаме околу идеологијата. Претходната унгарска влада го делеше општеството на помал и поголем дел, а тоа го прават и некои други. Во такви услови лесно се лови во матно. Ние се справуваме со товарот од последните 10 до 15 години. Гледаме над идеологиите. Секој наш министер има задача да ја претставува Унгарија“, рече Петер Маѓар.
Двајцата премиери го истакнаа значењето на обновувањето на работата на Вишеградската група. Додека Виктор Орбан беше на власт во Унгарија, владите на Полска и претходната чешка влада на десниот центар, предводена од премиерот Петр Фијала, ја бојкотираа официјална Будимпешта поради поддршката на Орбан за Русија, нарушувањето на владеењето на правото во Унгарија и уценувањето на Европската Унија.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го предложила Орбан за нов генерален секретар на ОН, објави „Волстрит журнал“ (The Wall Street Journal).
Мандатот на актуелниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, завршува на крајот од 2026 година, што ги поттикна дипломатските процеси за избор на негов наследник.
Иако предлогот на прв поглед изгледа изненадувачки, медиумите пренесуваат дека Орбан потенцијално ужива поддршка од три клучни светски сили: САД, Русија и Кина.
Сепак, постапката за избор во Советот за безбедност на ОН бара поддршка од девет од вкупно 15 членки, без притоа која било од петте постојани членки да стави вето.
Токму тука се наоѓа најголемата пречка за Орбан, бидејќи се верува дека Велика Британија или Франција би можеле да го искористат правото на вето и да го блокираат неговиот избор поради лошите односи и несогласувањата со неговата политика.
Изборот на Орбан би го нарушил и традиционалното непишано правило за географска ротација, како и практиката да се избегнуваат кандидати кои се премногу цврсто поврзани со водечките геополитички блокови.
Можноста Орбан да застане на чело на ОН предизвика остри реакции на меѓународната и унгарската политичка сцена.
Западните лидери и аналитичари сметаат дека Орбан е несоодветен кандидат за институција заснована на мултилатерална соработка, посочувајќи го неговото минато поврзано со слабеењето на демократските институции во Унгарија и блиските врски со Владимир Путин.
Додека полскиот премиер Доналд Туск смета дека станува збор за „забавна шпекулација“, украинските претставници иронично забележуваат дека Орбан на таа функција би можел да ги користи „вештините за уценување и ставање вето“ што ги развил при донесувањето одлуки во Европската Унија.