На собраниската седница за ребалансот за Буџетот пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, посочи дека одбивањето на амандманот доаѓа во услови на драстично намалување на субвенциите, натрупани долгови од 10 милијарди денари и 10.000 земјоделци помалку пријавени за субвенции во 2026 година.
Николовски посочи дека официјалните завршни извештаи на Платежната агенција покажуваат дека во 2025 година се исплатени околу 6,2 милијарди денари субвенции, наспроти повеќе од осум милијарди денари во 2023 и 2024 година.
„Тоа значи 50 до 60 милиони евра помалку исплатени субвенции во 2025 година, што е основниот индикатор за катастрофалната состојба и незадоволството кај земјоделците“, рече Николовски.
Тој додаде дека годинава има 10.000 земјоделци помалку пријавени за субвенции, што е последица на импровизациските политики и промените во условите за добивање финансиска поддршка.
„Зошто не се тие ловци, како што ги нарекуваат? Затоа што ако го речете тоа, ќе се соочите со гневот на производителите. Се работи за промени и импровизациски политики за кои нема ниту усогласеност помеѓу премиерот и министерот за земјоделие“, истакна Николовски.
Николовски потсети дека министерот за земјоделство најавувал укинување на условот за предадени 30 проценти од производството, но дека тој услов останал, поради што неколку илјади земјоделци не аплицирале за субвенции.
Дополнително, зголемени се праговите за исполнување на условите кај поледелството и лозарството, од 0,2 на 0,5 и од 0,5 на 0,7, а воведена е и поддршка само за сертифициран семенски материјал, со што дополнително се ограничува бројот на корисници.
„Долгот којшто го имате кон земјоделците е 10 милијарди денари. Точно 10 милијарди денари се обврските што се натрупани од 2024 и 2025 година. Затоа го поднесуваме овој амандман од над една милијарда денари, со цел да помогнеме сите заедно да се исплатат млекото, градинарските производи, пчеларството, живинарството и останатите субвенции“, нагласи Николовски.
Тој додаде дека укината е и авансната исплата на субвенциите, која претходно овозможувала земјоделците да добијат 30 проценти од поддршката предвреме. Според него, претходно бил воспоставен јасен календар за исплата, со утврдени рокови и динамика, без селекција на земјоделците.
„Во Европската Унија се знае точно во кој ден и како мора да се исплаќаат субвенциите, како што државата си го собира данокот. Ние таквата динамика комплетно ја нормализиравме, со факти, докази, кога, во кој ден и во кој рок се исплаќани субвенциите, неселективно, за сите земјоделци.
Вие направивте еден хаос. Се гледа незадоволството секаде на терен. Завршуваат дел од земјоделските производи на буништа, имаме протести“, рече Николовски.
Николовски посочи и на промените во поддршката за сточарството, наведувајќи дека субвенциите за говеда се намалени од 12.000 на 8.000 денари, додека истовремено се зголемени лимитите за големите производители. Укинати се повеќе програми наменети за малите земјоделци, а прагот за поддршка на големите е зголемен од 300.000 на еден милион евра.
„Како може да има 10 милиони евра за откупувачите, грозјето да скапува, а да нема ниту еден денар за лозарите? Ниту еден денар, а имаме заостанати субвенции од 10 милијарди денари“, истакна тој.
Тој ги посочи и ниските откупни цени на земјоделските производи, особено кај оризот, каде што, како што рече, цените се преполовени, како и состојбата со јаболкопроизводителите.
„Кај јаболката ви се потребни 750 килограми јаболка на еден овоштар за да плати дневница за еден берач во текот на сезоната. Многу се поразителни показателите. Тоа верувам дека сте свесни заради тоа што земјоделството не е приоритет на оваа Влада, а ние имаме обврска да зборуваме за тој приоритет и за потребата од поддршка“, рече Николовски.
Дополнително, тој посочи дека со последната владина измена на програмата не е укинат условот за предадени 30 проценти од производството, како што било најавувано од министерот, туку се скратени над 250 милиони денари во делот на зелената нафта.
Николовски предупреди и дека веќе две години нема нови повици за ИПАРД-програмата, која ја оцени како една од најважните алки за модернизација на македонското земјоделство, во која земјата претходно била лидер.
Тој направи споредба и со повиците од Програмата за рурален развој, посочувајќи дека во претходните седум години, од јануари до септември, биле објавувани по 12 повици, додека сега има само еден.
„Знаете дека две години оваа Влада нема доделено ниту еден трактор по свој повик. Еден трактор. Досега требаше да има 2.000 до 3.000 трактори коишто ќе беа доделени ако го следевме просекот на претходната Влада. Еден трактор во овие две години не е доделен, а на новиот министер му го поништивте огласот за набавка на механизација.
Ако за нешто треба пари во буџетот, тоа се за земјоделците, за да го зачуваме достоинството, да се цени нивниот труд и таа поддршка да се зголемува. Без домашна национална поддршка и без европски фондови, може само да претпоставиме дека одлуката или политиката на Владата е комплетно да биде запоставено земјоделството и да се ориентираме кон други гранки“, порача Николовски.