Александар Вучиќ, изјави дека нема никаква поврзаност со Алта банка, дека никогаш не влегол во неа и дека нема ниту банкарска сметка во оваа финансиска институција.
„Мислам дека никогаш во животот не сум влегол во Алта банка. Немам ниту сметка таму, немам ништо, немам поим. Тој човек сум го видел три-четири пати во животот и ми делуваше пристојно и сериозно. Но, многу подобро го познавам сопственикот на АИК банка, Аца Костиќ, како и другите банкари во Србија, отколку него“, рече Вучиќ во интервју за телевизијата „Информер“.
Тој додаде дека би сакал да ја слушне и другата страна, оценувајќи ги како неточни тврдењата дека Алта банка била банка на Српската напредна партија и дека преку неа се вршела нелегална трговија со пари.
Вучиќ рече дека верува оти гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, имала причина за преземањето мерки против банката и дека постапила согласно прописите.
„Но, целата приказна ми е многу чудна. Ми е чудна затоа што сè ми се поврзува со нападите врз сè она каде што Русите имаат некакво упориште“, истакна Вучиќ.
Тој нагласи дека фактот што лично немал никаква врска со банката не значи дека институциите, јавните претпријатија, општините и градовите што соработувале со неа се виновни за нешто. Според него, во Србија во моментов се врши притисок и врз руски и кинески компании.
Вучиќ тврди дека телевизијата „Информер“ ќе биде згасната за седум до осум дена
Во истиот разговор, Вучиќ изјави дека телевизијата „Информер“ ќе биде згасната во рок од седум до осум дена, тврдејќи дека станува збор за активистичка телевизија која целодневно ги информира граѓаните, а дека зад иницијативата за нејзино затворање стои студентската листа.
Тој оцени дека причината за тоа е неможноста да се поднесе поинакво мислење и предупреди дека прво би можело да биде укинато утринското шоу, по што би следеле дополнителни пријави против телевизијата.
„Ако не ве укинат утре, прво ќе ви ја укинат утринската програма. Тоа е мојата проценка, во следните седум до осум дена ќе ве згаснат“, рече Вучиќ.
Според него, единствена можност за спречување на таквиот исход би била евентуална интервенција од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, иако изрази сомнеж дека и тоа би помогнало.
Вучиќ додаде дека доколку биде донесена одлука за исклучување на телевизијата, Телеком Србија ќе мора да го спроведе тоа во рок од 48 часа, а истото ќе важи и за другите оператори.
„Мора да се подготвите за поинаков начин на функционирање. Тие ќе ја донесат таа одлука. Не би сакал Телеком веднаш да ве исклучи, но ќе мора да го направи тоа во рок од 48 часа“, рече Вучиќ.