Собрание

Пратениците ќе расправаат за случувањата во Алта банка

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе одржи надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во „АЛТА банка“ АД Битола, постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност.

На надзорната расправа, како што соопшти собраниската прес-служба, се поканети овластени претставници на Владата и органите на државната управа, како и други лица кои можат да дадат информации за прашањето што е предмет на расправата.

На надзорната расправа треба да се разгледаат околностите што довеле до воведување администрација во банката, улогата на Народната банка во постапката, како и одговорноста на надлежните институции.

Во „АЛТА банка“ АД Битола од 1 ноември е воведена привремена администрација, по случувањата со нејзиниот доминантен акционер – „АЛТА банка“ АД Белград, на која ѝ беше одземена дозволата за работа од надлежниот супервизорски орган во Србија, со истовремено донесување одлука за исполнување на условите за поведување стечајна постапка.

Целта на привремената администрација во битолската банка, како што образложи Народната банка, е таа да продолжи да работи, а средствата и интересите на штедачите и другите доверители да бидат заштитени до разрешување на сопственичката состојба.

Администрацијата во „АЛТА банка“ АД Битола треба да трае три месеци, а за администратори беа именувани Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, вработени во Народната банка. Тие ги преземаа надлежностите на Надзорниот и Управниот одбор, како и на Собранието на акционери, освен одлучувањето за зголемување на капиталот на банката.

Администраторите имаат рок од 21 ден да ја утврдат целокупната состојба во банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка.

Најнови вести