Скандал во Хрватска

Објавена снимка од смртта на спортистот Кристијан Периш, премиерот Пленковиќ претходно тврдеше дека ја видел на Фејсбук

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Нов скандал ја потресе Хрватска откако Доминик Алпеза, кој во минатото бил член на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), објави снимка од смртта на Кристијан Јосип Периш на страницата „Народни репортери“.

Објавата доаѓа еден ден откако хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека на Фејсбук ја видел снимката од смртта на Периш, кој починал на 21 октомври во Клиниката за психијатрија „Свети Иван“.

„Ја видов затоа што ја барав“, одговорил Пленковиќ на новинарско прашање како успеал да дојде до снимка која претходно не била јавно објавена. Тој додал дека снимката била достапна на Фејсбук и дека луѓето ја пронашле.

Сепак, засега нема докази дека видеото било објавено на социјалните мрежи пред објавата на Алпеза. Станува збор за снимка од надзорна камера во болницата, која подоцна била предадена на полицијата и на Државното обвинителство на Хрватска (ДОРХ).

Снимката трае нешто повеќе од осум минути. Весникот „Јутарњи лист“ исто така дошол до неа, но објавил само фотографии од видеото, а не и целосната снимка.

Порталот „Индекс“ испратил прашања до Владата во врска со изјавата на Пленковиќ, барајќи појаснување дали премиерот го видел оригиналното видео или само материјалите објавени во медиумите. Новинарите побарале информации и за тоа од кого ја добил снимката, кога ја погледнал и врз која основа му бил овозможен пристап до неа.

Одговор на прашањата засега нема.

Во меѓувреме, објавата на Алпеза му овозможила на Пленковиќ да ја претстави како потврда на своето претходно тврдење дека снимката била достапна на Фејсбук. Сепак, не е познато како Алпеза дошол до видеото.

„Индекс“ побарал од полицијата да одговори дали утврдила како снимката стигнала до Алпеза и дали се води истрага за нејзиното објавување.

ХДЗ демантира поврзаност со Алпеза

Од ХДЗ испратиле демант до „Индекс“, наведувајќи дека Алпеза не е член на партијата и дека неговите активности немаат никаква поврзаност со неа.

„Спротивно на објавените тврдења и инсинуации, господинот Доминик Алпеза не е член на Хрватската демократска заедница, ниту неговото дејствување е на кој било начин поврзано со партијата“, соопштил портпаролот на ХДЗ, Золтан Кабок.

Сепак, „Индекс“ потсетува дека во текстот не било наведено оти Алпеза е актуелен член на ХДЗ, туку биле посочени неговите претходни врски со партијата.

Кој е Доминик Алпеза?

Според „Индекс“, Алпеза во минатото бил член на ХДЗ и бил активен во младинската организација на партијата. На својот профил објавувал и фотографии со премиерот Андреј Пленковиќ.

Тој се појавил и во предизборен спот во кој учествувал Андрија Микулиќ, поранешен пратеник на ХДЗ и поранешен главен државен инспектор, кој минатата година беше уапсен под сомнение за корупција.

Организацијата ГОНГ за време на претседателските избори го посочила Алпеза како еден од клучните автори на содржините на анонимната страница „Не можеме“, која водела кампања против кандидатката Ивана Кекин.

Алпеза заедно со Иво Шошиќ го води проектот „Народни репортери“, познат по објавување содржини создадени со вештачка интелигенција, политички фотомонтажи и објави со шовинистички пораки и теории на заговор.

Двајцата претходно ширеле и лажни информации, меѓу кои и тврдења за напад врз калуѓерка и наводен напад врз девојче од страна на четворица мигранти.

„Индекс“ пишувал за нив и во мај годинава, кога биле меѓу главните актери во конфликтот што избил на хрватската крајнодесничарска интернет-сцена.

Најнови вести