Бугарија завиена во црно по тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“, во која загинаа 12 лица, а десетици беа повредени. Премиерот Румен Радев соопшти дека семејствата на загинатите ќе добијат финансиска помош, а Владата ќе разгледа и дополнителни можности за поддршка
Според министерката за здравство Катја Ивкова, вкупно 51 пациент биле транспортирани во болниците во три града. Најмногу, 33 пациенти, се згрижени во Сливен, 11 во Јамбол, а седум во Бургас. Тринаесет лица се во тешка состојба.
Здравствените власти се подготвени да организираат воздушен транспорт на пациентите до болници во Софија доколку се појави потреба. Во моментов нема барање за таков транспорт, а болниците располагаат со доволно резерви на крв.
Министерството за одбрана, исто така, ставило на располагање медицински екипи, реанимобили и воени летала за евентуална помош при транспортот на повредените.
Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев изјави дека наглото намалување на видливоста било причина за првичната сообраќајна несреќа. Видливоста, според неговите информации, се намалила од 70-80 метри на само 10 метри.
Тој посочи и на недостатоци во размената на информации меѓу тол-системот, сообраќајната полиција и другите надлежни институции, како и на недостигот од информативни табли што би ги предупредувале возачите за опасностите на патиштата.