ГОЛЕМИ ТЕХНИЧКИ ПРОБЛЕМИ

ГЛОБАЛЕН ХАОС СО СЕРВИСИТЕ НА „МАЈКРОСОФТ“: Проблеми во 74 земји, отстранувањето на дефектот не оди според планот!

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Големи технички проблеми ги погодија корисниците на сервисите на „Мајкрософт“ ширум светот, вклучувајќи ги Outlook, Teams и Copilot.

Прекини во работењето се регистрирани во 74 земји и територии, а проблемите траат повеќе од 11 часа.

Од „Мајкрософт“ соопштуваат дека причината не е сајбер-напад и дека интензивно работат на отстранување на дефектот. Сепак, досегашните обиди не донеле трајно решение.

Компанијата „Мајкрософт“ се обидува да го отстрани големиот глобален прекин во работењето на своите услуги, кој погоди милиони корисници, меѓу другото, во Соединетите Американски Држави, Јапонија, Сингапур, Велика Британија и Австралија, пренесува Би-Би-Си.

Проблемите со поврзувањето го нарушија работењето на сервисот за електронска пошта Outlook, комуникациската платформа Teams и софтверот базиран на вештачка интелигенција Copilot.

Според податоците на веб-страницата „Даундетектор“ (Downdetector), која ги следи пријавите на корисниците за технички проблеми,  бројот на пријави за Outlook достигнал речиси 140.000 во четвртокот, околу 19 часот по средноевропско време.

Најголем број пријави се регистрирани во Северна и Јужна Америка, Европа и Австралија.

„Мајкрософт“: Делумно обновување на системите, но проблемите сè уште траат

Од „Мајкрософт“ соопштуваат дека истовремено работат на повеќе начини за отстранување на проблемите и враќање на сервисите во нормален режим на работа.

Компанијата наведува дека во одредени региони е забележано делумно обновување на системите, но дека преземените мерки не обезбедиле трајна стабилизација. Истакнуваат дека промените што биле воведени за подобрување на работењето на сервисите не ги даваат очекуваните резултати, поради што се разгледуваат други технички решенија.

Компанијата вовела и автоматизирани системи за обновување, кои непрекинато ги откриваат серверите што не реагираат, со што се одржува стабилноста на услугите додека процесот на обновување на системите сè уште трае.

„Мајкрософт“ претходно предупреди дека сервисите што повторно ќе станат достапни може да престанат да реагираат кога ќе се зголеми бројот на корисници.

Компанијата ја исклучува можноста за сајбер-напад

Извршниот директор во „Мајкрософт“, Чарлс Ламана, изјави дека глобалниот прекин не е последица на сајбер-безбедносен инцидент, со што ја исклучи можноста дефектот да е предизвикан од хакерски напад.

„Жал ни е што денешните прекини им предизвикаа проблеми на нашите корисници и работиме на нивно отстранување“, напиша Ламана на социјалната мрежа Икс.

Австралискиот министер за внатрешни работи и сајбер-безбедност, Тони Берк, изјави дека претставниците на „Мајкрософт“ сметаат дека не се соочуваат со сајбер-напад, туку со проблем што би можел да биде сличен на големиот технички инцидент на компанијата „Краудстрајк“ од минатата година.

Последици и за други компании

Проблемите не се ограничени само на директните корисници на услугите на „Мајкрософт“. Компаниите „OpenAI“ и „Anthropic“ исто така пријавиле тешкотии поврзани со прекинот во работењето на системите на „Мајкрософт“.

Според податоците на компанијата, повеќе од 430 милиони луѓе ги користат апликациите од пакетот Microsoft 365, додека Copilot се користи во повеќе од 90 проценти од компаниите на листата Fortune 500.

Експертот за сајбер-безбедност, Трој Хант, предупредува дека последиците би можеле да бидат далекосежни, бидејќи голем број деловни процеси зависат од инфраструктурата на „Мајкрософт“.

Како што објаснува, прекинот во работењето на електронската пошта може да го отежне не само извршувањето на работните обврски, туку и закажувањето термини, купувањето што бара потврда на идентитетот, како и пристапот до различни кориснички сметки и услуги.

Експертот Пол Спејн од новозеландската консултантска компанија „Gorilla Technology“ оцени дека, доколку се потврди дека не станува збор за сајбер-напад, проблемот би укажувал на сериозни технички пропусти, чии економски последици би можеле да се мерат во милиони долари.

Во јули 2024 година, неисправно софтверско ажурирање на компанијата „Краудстрајк“ предизвика голем глобален прекин, поради кој милиони компјутери со оперативниот систем Windows престанаа да функционираат.

Засега не е познато кога сите сервиси на „Мајкрософт“ повторно ќе им бидат целосно достапни на корисниците.

Најнови вести