Нов случај на вандализам во Скопје. Вчеравечер биле запалени контејнери во Ново Лисиче и на булеварот „Македонско-косовска бригада“, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски кој за овие случувања побара итна реакција од Министерството за внатрешни работи.
„Во услови кога набавивме 3.300 нови контејнери и го решивме проблемот со сметот, очигледно дека на некој не му одговара чисто Скопје и развојот на градот. Ова е удар врз сите скопјани и врз заедничкиот имот, платен со нивни пари. А ако со ова некој мисли дека мене лично ми прави штета, се лаже! Прави штета на градот, овие контејнери се купени со парите на скопјани!
Го повикувам МВР веднаш да ги провери снимките од „Safe City“, да ги пронајде сторителите и да испита дали палењата се организирани и политички мотивирани. Барам одговорност!
Наскоро го завршуваме поставувањето на 200 градски камери за посилен надзор и откривање на ваквите појави и за кои апсолутно нема да има никаква толеранција! Чувајте го Скопје и пријавувајте вандализам. Нема да дозволиме некој да си поигрува со градот!“, напиша Ѓорѓиевски.

