СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА: УСТАВОТ – ЗАКОН НАД ЗАКОНИТЕ

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Уставот е закон над законите. Тој е најважниот општествен договор со граѓаните. Зошто токму со граѓаните? Затоа што граѓаните се изворот на суверенитетот и ним им припаѓа суверенитетот, рече претседателката Гoрдана Сиљановска Давкова на одбележувањето 35 години од донедувањето на првиот Устав.

Рече дека Уставот од 1991 година, во чие создавање учествуваа пратениците со кои имав чест да соработувам, несомнено беше најцврстиот правен и политички темел на македонската држава. Тој е основниот и најважниот извор на уставното право.

-Не случајно, токму на Уставот и во негово име се колнат највисоките носители на власта, кај нас и насекаде во демократскиот свет.

Уставот од 1991 година има и посебен демократски легитимитет. Тој произлегува и од бројот на пратениците што застанаа зад неговото донесување. На 17 ноември 1991 година, Уставот беше усвоен со 92 гласа „за“ и 22 гласа „против“.

Но, она што е особено интересно, а би рекол и парадоксално, е фактот што веќе следната година, во 1992 година, беа усвоени првите два уставни амандмана.

И што е уште поважно, барањето за тие промени не дојде одвнатре, туку однадвор. Ние, правниците, таквите промени ги нарекуваме наметнати уставни промени.

Дозволете ми овде да потсетам на еден важен историски момент.

Бадентеровата комисија, формирана од Европската заедница, ги анализираше уставите на новонастанатите држави од поранешна Југославија.

И што констатираше таа комисија?

Дека уставите на Словенија и Македонија, гледани низ призмата на човековите слободи и права, демократските принципи и поделбата на власта, ги исполнуваат условите за меѓународно признавање. Токму затоа препорача овие две држави да бидат признаени, но Македонија не беше признаена.

Значи, нашиот Устав уште на самиот почеток доби висока оценка од релевантна меѓународна правна комисија.

И сега доаѓаме до едно суштинско прашање.

За три децении нашиот Устав доживеа дури 36 амандмани!

Во уставното право, според зачестеноста на интервенциите, навистина сме меѓу рекордерите.

Па, со право се поставува прашањето: ако Уставот е lex superior, ако е највисокиот правен акт на државата, зошто толку често се менува?

Еден од големите авторитети во уставното право рекол дека во Уставот треба да се интервенира ретко, а кога тоа се прави, треба да се прави со рака што трепери од респект.

Затоа што Уставот не е обичен закон. Тој не смее да се менува според моменталните политички потреби, ниту да биде инструмент за решавање на секој политички проблем.

Морам да потсетам и на уште еден податок.

Од вкупно 36 уставни амандмани, 15 биле иницирани одвнатре, поради потребата да се надминат одредени уставни пречки и да се подобри функционирањето на уставниот систем.

Но, дури 21 амандман произлегол од надворешни барања и условувања.

Овој податок сам по себе отвора сериозни прашања.

Токму затоа, сакам да упатам една конкретна препорака до претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Почесто да ја свикува Комисијата за уставни прашања. Нејзината работа да ја збогати со експерти однадвор, со професори по уставно право, со научници и со искусни правници.

Таа комисија не треба да заседава само тогаш кога на дневен ред ќе се најдат нови уставни амандмани.

Таа треба постојано да го следи спроведувањето на Уставот, да ја анализира неговата примена, да ги детектира проблемите и да отвора расправа за прашањата што ги наметнува уставната практика.

А такви отворени прашања имаме многу.

Зошто да не го следиме францускиот пример?

Да го следиме животот на Уставот. Да видиме како функционираат неговите одредби во практиката. Каде постојат слабости, каде се јавуваат институционални пречки и каде навистина има потреба од интервенција.

И затоа, да го следиме животот на Уставот, да ги препознаваме проблемите и да интервенираме кога тоа е навистина неопходно.

Но секогаш внимателно, одговорно и, како што вели големиот уставноправен авторитет,со рака што трепери од респект кон Уставот.

За уставните измени со рака што треба да трепери треба да размислиме.

Ако уставните биле решение за ЕУ, ние денеска ќе претседававме со Европската Унија, рече шефицата на државата.

Најнови вести