Претседателката Гордана Силјановска-Давкова порача дека стабилноста и демократијата на Западен Балкан се од суштинско значење за безбедноста на цела Европа. Ова го истакна на Парискиот мировен форум, каде учествуваше на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“.
Во своето обраќање, таа оцени дека светот се наоѓа во период на големи геополитички промени, во кој старите модели постепено го губат своето значење, додека новите сè уште не се оформени.
Осврнувајќи се на идејата за „interregnum“ на италијанскиот филозоф Антонио Грамши, Силјановска-Давкова посочи дека ваквите преодни периоди можат да создадат политички вакуум и да отворат простор за нови геополитички ризици.
„Политичкиот вакуум никогаш не трае долго, а тоа особено важи за Балканот“, истакна таа.
Говорејќи за евроинтегративниот процес, претседателката нагласи дека земјите од Западен Балкан не треба да се сметаат за периферија, бидејќи се неразделен дел од европскиот географски, историски и културен простор.
Таа потсети дека Македонија веќе 21 година има кандидатски статус за членство во ЕУ и досега добила 17 позитивни извештаи, но сè уште не ги започнала пристапните преговори.
Посебен акцент стави и на прашањето за уставните измени, поврзувајќи го со суверенитетот и демократскиот легитимитет. Според неа, Уставот не е само највисок правен документ, туку претставува и општествен договор меѓу граѓаните.
„Мојот суверенитет извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. И мојот легитимитет исто така“, порача Силјановска-Давкова, нагласувајќи ја важноста на владеењето на правото и заштитата на човековите права и слободи.
Таа оцени дека одговорноста за стабилноста на регионот не е само на земјите од Западен Балкан. Според неа, и Европската Унија треба да преземе активна улога преку забрзување на процесот на нивно интегрирање.
Претседателката предупреди и на новите безбедносни предизвици поврзани со развојот на вештачката интелигенција, дигитализацијата и хибридните закани. Како одговор на овие ризици, таа ги посочи потребата од отпорни институции, демократски механизми и стабилни општества.
На прашањето за протестите во европските земји и учеството на младите во нив, Силјановска-Давкова истакна дека младите не треба да се гледаат единствено како генерација што ќе ја обликува иднината, туку и како активни учесници во сегашните општествени и политички процеси.
Таа повика на поголемо почитување, еднаквост и вклучување на младите во креирањето политики и донесувањето одлуки, оценувајќи дека меѓугенерацискиот дијалог е неопходен за понатамошниот развој на општеството.
Покрај македонската претседателка, на панелот учествуваа и литванскиот претседател Гитанас Науседа и ерменскиот премиер Никол Пашинјан.