Во октомври продолжи растот на депозитите и кредитите во Македонија, при што кредитната активност на годишно ниво е зголемена за 14,3 проценти, а паричната маса за 8,9 проценти, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
Вкупните депозити во октомври бележат месечен раст од 0,5 проценти, додека на годишно ниво се зголемени за 9,3 проценти. Месечниот раст во целост се должи на зголемените депозити на домаќинствата, кои во споредба со септември пораснале за 1,3 проценти. На годишна основа, депозитите на населението се повисоки за 9,4 проценти.
Кај корпоративниот сектор, депозитите се намалени за 0,7 проценти во однос на претходниот месец, но на годишно ниво бележат раст од 9 проценти.
Кредитирањето во октомври е зголемено за 0,7 проценти на месечна и 14,3 проценти на годишна основа. Кредитите на претпријатијата пораснале за 0,8 проценти во однос на септември, а годишниот раст достигнал 16,1 процент. Кај домаќинствата, кредитите се зголемени за 0,7 проценти на месечно и 12,6 проценти на годишно ниво.
Според намената, продолжил растот на потрошувачките и станбените кредити, кои во октомври забележале месечно зголемување од по 0,9 проценти. На годишна основа, потрошувачките кредити пораснале за 12,3 проценти, а станбените за 15,9 проценти.