Околу 50 лица останале заглавени во ноќен клуб во кипарскиот главен град Никозија, откако избувнал пожар на влезот од зградата, а вратата кон скалите за итна евакуација била заклучена.
Инцидентот се случил нешто пред 3:00 часот по полноќ во саботата, во населбата Палуриотиса. Во тој момент во локалот, кој се наоѓал на првиот кат од зградата, имало околу 50 посетители.
Поради ширењето на густ чад, луѓето не можеле да излезат по вообичаениот пат и побарале спас на балконите од зградата, каде што останале до пристигнувањето на пожарникарите и ставањето на пожарот под контрола.
Според информациите на кипарскиот медиум „Политис“, локалот поседувал сертификат за противпожарна безбедност. Сепак, вратата кон излезот за итна евакуација, кој бил опремен со скали што водат до приземјето, била заклучена.
Портпаролот на противпожарната служба, Андреас Кетис, нагласил дека самото постоење на излези за итна евакуација не е доволно доколку тие не се достапни во вонредна ситуација. Тој ги повикал сопствениците на ноќните локали строго да ги почитуваат прописите за противпожарна безбедност.
При обид да го изгасне пожарот, 37-годишен маж се здобил со изгореници. Тој со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во болница во Никозија.
Пожарот уништил дел од подната облога и влезниот простор на локалот. На местото на инцидентот биле испратени три противпожарни возила од противпожарните служби во Никозија.
Полицијата ги истражува причините за инцидентот, а првичните информации укажуваат дека станува збор за намерно подметнат пожар. Истрагата ја води криминалистичката служба во Никозија.