Јужнокорејскиот министер за образование Чои Кјо-џин поднесе оставка по организирање на важниот приемен испит за факултетите одржан изминатата недела.
Оставката следува по конфузијата настаната поради мерките воведени во последен момент во обид да се спречи препишување со помош на вештачка интелигенција.
Владата воведе построги ограничувања откако кандидатот со најдобар резултат на националниот испит за даночни сметководители призна дека до него дошол со препишување, користејќи минијатурна камера, паметен телефон и вештачка интелигенција.
За време на осумчасовниот испит, надлежните органи го ограничија пристапот до вај-фај мрежата, на испитаниците им беа проверувани очилата и копчињата на облеката во потрага по скриени уреди, а беа издадени и предупредувања на национално ниво за откривање скриени мобилни телефони.
Испитот, кој игра клучна улога при уписот на најпрестижните универзитети во земјата, го полагаа повеќе од 550.000 ученици.
Министерот за образование Чои Кјо-џин призна дека недоволната подготовка и честите промени на правилата создале тешкотии за учениците и службените лица. Тој беше цел на критики и по изјавата дека, со оглед на неговата возраст, смета оти не би можел да препознае препишување со помош на вештачка интелигенција.
Јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг ја прифати оставката во рок од еден час и наложи сеопфатна ревизија на спроведувањето на националните испити и поврзаните законски прописи.