Хутите во Јемен соопштија дека извршиле напади со дронови и ракети врз главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, како и врз енергетски објекти на брегот на Црвеното Море.
Ова беше првпат на жителите да им биде испратено предупредување и да бидат повикани да останат во затворени простории откако неодамна ескалираше конфликтот со Хутите.
Од саудиските власти засега нема официјален коментар.
Во соопштение објавено на интернет, воениот портпарол на Хутите, Јахја ал-Сари, изјави дека биле употребени „голем број балистички и крстосувачки ракети и дронови“ за напад врз „чувствителни локации“ во Ријад, како и врз објекти на државната нафтена и гасна компанија „Арамко“ во Јанбу, на брегот.
Тој додаде дека нападите биле извршени „како одговор на криминалните обиди на саудискиот непријател“ за напад врз јеменскиот главен град Сана.
Претходно, Сари ја обвини Саудиска Арабија дека во текот на изминатата недела извршила 300 напади низ Јемен.
Хутите се во граѓанска војна со меѓународно признатата влада на Јемен, која е поддржана од Саудиска Арабија.
Тие во последните месеци во неколку наврати напаѓаа цели во Саудиска Арабија, а оваа недела соопштија дека се одговорни за соборувањето на саудиски борбен авион над Јемен.
Според непотврдена информација на агенцијата Франс прес (АФП), која се повикува на воени извори од двете страни во граѓанската војна во Јемен, во борбите меѓу Хутите и владините сили поддржани од Саудиска Арабија во саботата загинале 48 лица.
Хутите соопштија дека загинал 31 нивен борец, додека владините извори наведоа дека нивната страна загубила 17 војници, пренесе агенцијата.