Андоновски во интервју за РЕПЕР открива: Десетина меѓународни компании со интерес за дата-центри во Македонија, се водат разговори

Македонија мора да размислува стратешки за центрите за податоци. Тоа не е прашање на дневна политика, туку прашање на диверзификација на економијата, инфраструктура, дигитална економија, безбедност, иновации и инвестиции. Постојат интереси и разговори со десетина потенцијални инвеститори, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во интервју за РЕПЕР.

  • 7 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Национална стратегија и Закон за ВИ, „Везилка“, национален дата-центар, нови инвестиции во дигиталната инфраструктура и полесен пристап до гласање за дијаспората… Ресорниот министер Стефан Андоновски во интервју за РЕПЕР открива што се подготвува и како дигиталната трансформација ќе ги промени институциите и услугите за граѓаните.

РЕПЕР: Министре Андоновски, во следниот период ќе посветите големо внимание на вештачката интелигенција, најавивте национална стратегија и нов Закон. Кои ќе бидат клучните цели и кој учествуваше во креирањето на стратегијата?

Стефан Андоновски: Вештачката интелигенција е една од најважните теми во следниот период, затоа што таа е веќе тука и се употребува, но не е само прашање на технологија, туку и на економија, образование, етичка примена, јавни услуги, безбедност и конкурентност на државата. Нашата цел е Македонија да добие јасна национална рамка за развој и примена на вештачката интелигенција. Тоа значи стратегија која ќе постави приоритети, но и законска рамка која ќе обезбеди одговорна, безбедна и етичка употреба на ВИ.

Клучните цели се: развој на човечки капитал, поддршка на компаниите и стартапите, примена на ВИ во јавниот сектор, заштита на правата на граѓаните, соодветна национална инфраструктура и привлекување на капитал, усогласување со европските правила и создавање услови Македонија да не биде само корисник, туку и активен учесник во развојот на решенија базирани на вештачка интелигенција. Работната група за стратегијата ја предводат професори од сите универзитети во државата, а во процесот се вклучени институции, академската заедница, експерти, ИКТ секторот, стартап заедницата и меѓународни партнери.

РЕПЕР: Дали како нација, според вас, веќе покажуваме доволен интерес за користењето на ВИ вештините и дали треба поголема обука на граѓаните за правилно користење на овој вид технологија?

Стефан Аноновски: Интерес за вештачка интелигенција постои и тој е сè поголем. Го гледаме кај младите, кај студентите, кај дел од компаниите, кај стартапите, но и кај јавната администрација. Сè повеќе луѓе користат алатки со вештачка интелигенција за учење, пишување, анализа, превод, обработка на податоци, програмирање или секојдневна работа.

Но, да бидеме реални — интересот не е исто што и знаење. Затоа, да, потребни се многу повеќе обуки за правилно, безбедно и продуктивно користење на вештачката интелигенција. ВИ може да помогне во образованието, во здравството, во земјоделството, во енергетиката, во јавната администрација и во приватниот сектор.

Но истовремено мора да знаеме како да ги препознаваме ризиците: неточни информации, пристрасност на алгоритми, злоупотреба на лични податоци, дезинформации и некритичко користење на автоматски генерирани содржини. Затоа нашата цел е обуките за ВИ да не бидат наменети само за ИТ експерти. Напротив, тие треба да бидат достапни и за ученици, студенти, наставници, јавна администрација, компании и граѓани.

Токму затоа, со повеќе од 2 милиони евра, го поддржуваме проектот „Везилка“ — националниот центар за вештачка интелигенција, кој треба да овозможи развој на решенија на македонски јазик, дигитализација на македонскиот јазичен корпус и поврзување на нашите компании, истражувачи, универзитети и институции со европската инфраструктура за вештачка интелигенција и high-performance computing. „Везилка“ е важна затоа што Македонија не треба да биде само корисник на туѓи ВИ алатки. Треба да градиме и сопствен капацитет, сопствени податоци, сопствено знаење и решенија што ќе бидат применливи на македонски јазик и во македонскиот институционален и економски контекст.

Паралелно, работиме и на обуки за дигитални вештини во јавната администрација, а планираме ваквите активности да се прошируваат и преку програмата „21st Century Schools“, каде фокусот е дигитална писменост, логичко размислување, вештачка интелигенција и работа со дигитални алатки уште од најрана возраст во основното образование. Ако сакаме граѓаните правилно да ја користат вештачката интелигенција, мора да почнеме навреме — од училиштата, преку универзитетите, до јавната администрација и приватниот сектор.

РЕПЕР: Кога сме веќе кај вештачката интелигенција и предупредувањата дека ќе преземе голем дел од професиите, дали имате план кои државни услуги први ќе бидат преземени или значително олеснети со помош на ВИ?

Стефан Андоновски: Мојот став е дека вештачката интелигенција не треба да ја гледаме прво како замена за луѓето, туку како алатка што може да го олесни работењето, да ги скрати процедурите и да ја зголеми ефикасноста. Мислам дека повеќе ќе се случува ВИ да не ги заменува луѓето, туку професионалците кои користат алатки со ВИ ќе ги заменат оние кои не знаат истите да ги користат.

Во јавниот сектор, ВИ најпрво треба да се користи таму каде што може да помогне без да носи висок ризик за правата на граѓаните. На пример: подобро пребарување на услугите на uslugi.gov.mk, дигитални асистенти кои ќе го насочуваат граѓанинот кон вистинската услуга, автоматско класифицирање и обработка на документи, поддршка при административни процеси, анализа на податоци и подобро откривање аномалии или ризици.

Но, важно е да се каже дека ВИ не смее и никогаш во јавната администрација нема да носи конечни одлуки за права на граѓаните без човечка контрола. Затоа пристапот ќе биде постепен. Прво ќе работиме на пилот-проекти кои ќе покажат конкретна вредност: побрзо наоѓање услуги, подобра комуникација со граѓаните, автоматизација на рутински задачи и намалување на административниот товар.

РЕПЕР: Најавивте дека финишираат разговорите за новиот дата-центар. Кога ќе биде познато кој ќе биде финансиер и точната локација, и кога може да се очекува да почне со градба?

Стефан Аноновски: Националниот податочен центар е еден од најважните инфраструктурни проекти за дигиталната иднина на Македонија. Ако сакаме дигитална држава, електронски услуги, интероперабилност, сајбер-безбедност и модерни системи, мора да имаме сигурна инфраструктура на која тие системи ќе се потпираат.

Разговорите се во завршна фаза, но сè уште е рано да се излезе со конечни детали за финансирањето, иако јавно е познато дека овој проект е дел од Планот за раст на Европската унија за Македонија, како и дека е дел од индикативната листа на проекти за финансирање на Владата. Околу локацијата, најверојатно тоа ќе биде во близина на градот Скопје и индустриските зони во општина Илинден.

Очекувам во следниот период да можеме да презентираме поконкретни информации. Целта е процесот да се постави правилно од почеток, затоа што податочниот центар не е само објект со сервери, туку основа на дигиталниот суверенитет и сигурноста на државните системи.

РЕПЕР: И покрај критиките останувате на ставот за градба на дата-центри. Покрај податочниот центар, дали имате информации колку нови инвеститори одлучиле и би сакале да градат дата-центри, и на кои локации во земјава би биле отворени?

Стефан Аноновски: Јас останувам на ставот дека Македонија мора да размислува стратешки за центрите за податоци. Тоа не е прашање на дневна политика, туку прашање на диверзификација на економијата, инфраструктура, дигитална економија, безбедност, иновации и инвестиции. Постојат интереси и разговори со десетина потенцијални инвеститори, но во оваа фаза не би излегувал со конкретни имиња, бројки или локации додека тие процеси не бидат формално потврдени. Станува збор за приватни инвестиции на меѓународни компании, кои сè уште немаат донесено одлука за проект и финансирање. Кај вакви проекти е важно да се зборува одговорно, затоа што се работи за сериозни инвестиции кои зависат од повеќе фактори: енергетска достапност, приклучоци, земјиште, комуникациска инфраструктура, регулатива и пазарна логика.

Она што е важно е дека Македонија има потенцијал да стане интересна локација за ваков тип инвестиции доколку создадеме предвидлива регулаторна рамка, сигурна енергетска и телекомуникациска инфраструктура и сериозен пристап кон сајбер-безбедноста.

6. Повторно се тема измените на Изборниот законик. Партиите не се согласија за неколку прашања, меѓу нив и за електронското гласање на дијаспората. Дали можеби партијата од која доаѓате повторно ќе предложи овој модел да биде вметнат во измените? И колку според вас е круцијално да им биде овозможено вакво гласање на нашинците од дијаспората?

Стефан Андоновски: Прашањето за гласањето на дијаспората е важно и треба да се разгледува сериозно, надвор од дневнополитички пресметки. Нашите граѓани кои живеат надвор од Македонија имаат силна врска со државата и носат дознаки кои се сериозен дел од платниот биланс на земјата. Оттука, нашите сограѓани треба да имаат реална, практична и достоинствена можност да го остварат своето избирачко право, а државата да може да си го дозволи организирањето на изборите.

Дали тоа ќе биде преку електронско гласање, поштенско гласање или друг модел, е прашање што треба да се реши преку широк политички и институционален дијалог, со вклучување на Државната изборна комисија, експертската јавност и релевантните институции. Електронското гласање може да биде можност, и секако би било поставено исклучително внимателно. Кај изборите довербата е најважна. Секој модел мора да обезбеди сигурност, тајност на гласањето, проверливост, заштита од злоупотреби и доверба кај сите политички чинители и кај граѓаните.

Од аспект на дигитална трансформација, ние сме подготвени да помогнеме со експертиза, анализа на европски искуства и технички проценки. Но одлуката за изборниот модел мора да биде политички и институционално усогласена, затоа што изборните правила не треба да бидат еднострана одлука. За мене е клучно дијаспората да има полесен пристап до гласање. Прашањето е кој модел ќе обезбеди најдобар баланс меѓу достапност, сигурност и доверба во процесот.

Најнови вести